Брнабиќ за изјавата на хрватскиот шеф на дипломатијата: Најлош кошмар за Хрватска е тоа што Вучиќ седи на „српската фотелја“

Српската премиерка Ана Брнабиќ денеска изјави дека изјавата на хрватскиот министер за надворешни работи Гордан Грлиќ-Радман за Србија и Александар Вучиќ е дипломатски груб и неприфатлив гест.

– Фрустрацијата на Хрватска и нивниот најлош кошмар е тоа што Вучиќ седи на „српската фотелја“, изјави Брнабиќ за ТВ Прва, реагирајќи на изјавата на Грлиќ-Радман за Вучиќ и седнувањето на повеќе столчиња кога е во прашање надворешната политика.

Брнабиќ оцени дека во Хрватска го „обожувале Борис Тадиќ“ како претседател на Србија затоа што не зборувал за положбата на Србите во Хрватска, не побарал да го посети Јасеновац и си дозволил на ХРТ да каже дека не е премногу горд што е претседателот на државата.

– Таква Србија би им одговарала, – рече Брнабиќ и додаде дека изјавата на Грлиќ-Радман е уште еден притисок врз Србија, како и резолуцијата на Европскиот парламент за Косово и невоведувањето санкции против Русија.