
Британскиот заем нема дополнително да ги зголеми капиталните расходи во Буџетот, вели Димитриеска – Кочоска
Министерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска денеска на новинарско прашање како ќе се реализира Договорот со Велика Британија изјави дека нема да има дополнително зголемување на капиталните расходи.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска денеска на новинарско прашање како ќе се реализира Договорот со Велика Британија изјави дека нема да има дополнително зголемување на капиталните расходи.
– Во однос на тоа какви се проекциите во рамки на фискалната стратегија и сега дали ова ќе значи дополнително зголемување на капиталните расходи, не, нема да значи дополнително зголемување од една единствена причина. Ние многу често имаме нафрлање желби од одредени институции дека сакаат да прават некаква реализација, но со Уредбата за јавни инвестиции која ја донесовме пред неколку месеци, јасно го пропишавме патот. Претходно беше кој како сака внесува во буџетот, расправии, па ни треба, не ни треба итн. Со Уредбата за јавни инвестиции патот е пропишан, тоа значи дека секоја институција треба да пушти известување со образложение до Министерството за финансии зошто е потребна таа инвестиција. Потоа има посебно тело во рамки на Влада кое ќе ги разгледа сите тие желби и намери за инвестиции и ќе одреди и предложи кои се приоритетите. На тој начин прво го менуваме начинот на кој носиме одлуки за инвестирање, образложи Димитриеска – Кочоска.
Таа посочи дека во минатото имало проекти кои почнале, но не се довршени со години.
– Ние не сакаме тоа да се повторува. И уште од како сум дојдена во Министерството за финансии, таа уредба и претходно беше работена од претходниот министер, притиснавме уште побрзо да се заврши за да можеме таа обврска да ја наметнеме на институциите за да го почитуваат тој пат на документација и известување. На овој начин сметаме дека ќе се тргнат на страна оние не толку важни во моментот капитални расходи или инвестиции. Како резултат на тоа, ќе се вклопат другите кои ги договараме со овој договор, кој би го рекла договор за стратешка соработка, кој е тоа на почеток, сега се договораме, но сите детали остануваме за понатаму, појасни министерката за финансии.
Во однос на тоа како ќе оди буџетскиот дефицит и зголемувањето на јавниот долг, Димитриеска – Кочоска образложи дека тие се зголемуваат во моментот кога имаме плаќање. Таква е методологијата и, како што рече, отсекогаш била таква, не менуваме и остануваме на истата.
– Прв дел е финансирањето, а потоа Министерството за транспорт како надлежно ќе води постапки. Кога ќе дојде моментот склучување на Договор и имплементација ќе видиме дали ќе може да реализираме по 300-400 милиони евра годишно или ќе биде помалку. Тоа ќе зависи од компанија, од луѓето што ќе работат на терен, објасни Димитриеска – Кочоска.
Министерката очекува побрзо да се завршуваат работите зошто овој проект, како што рече, е во позрела фаза од колку што беше „Бехтел и Енка“ во моментот кога стартуваше.