Британска вечер на „Охридско лето“ со маестро Џек Либек на виолина во пијано придружба на Катја Апикшева

Британската вечер на „Охридско лето“ ќе ја одбележи концертот насловен „Романсата се уште не е мртва“ со маестро Џек Либек на виолина, во пијано придружба на Катја Апикшева.

Британската вечер на „Охридско лето“ ќе ја одбележи концертот насловен „Романсата се уште не е мртва“ со маестро Џек Либек на виолина, во пијано придружба на Катја Апикшева.

За британско-германскиот виолинист и уметнички директор Џек Либек специјализираното списание „Би-Би-Си мјузик“ пишува дека поседува „беспрекорно техничко мајсторство“ и „прекрасен филигрански тон“.

Либек е професор по виолина на Кралската академија за музика во Лондон и уметнички директор на Австралискиот фестивал за камерна музика. Неговата фасцинација со сè што е поврзано со наука резултира со два нови концерти за виолина компонирани специјално за него од  „Војаџер“ од  Дарио Марианели и концертот „Кратка историја на времето“ компониран од Брет Дин, а во спомен на научниот феномен проф. Стивен Хокинг.

Џек Либек соработува со некои од најпознатите диригенти на светската сцена како: Ендру Литон, Леонард Слаткин, Карл-Хајнц Стефенс, Сер Марк Елдер, Сакари Орамо, Васили Петренко, Сер Невил Маринер, Брет Дин, Даниел Хардинг, Јука Пека Сарасте, Дејвид Робертсон, Јакуб Хруша и многу други, настапувајќи во концертните сезони на оркестрите како Кралската филхармонија и оркестарот на Шведското радио во Стокхолм, Филхармонијата во Осло, Белгискиот национален оркестар, Радискиот оркестар во Лајпциг, Московската државна филхармонија, Оркестарот во Галиција, симфониските оркестри во Сент Луис и Индијанаполис, како и со сите британски оркестри.

Неодамнешните настапи вклучуваат настап со оркестарот во Квинсленд, американска премира на „Војаџер“ со оркестарот во Спокен, како и настапи со Симфонискиот оркестар во Мелбурн, оркестарот „Франц Лист“ и настап на Камерниот фестивал во Савана.  Во 2024 тој премиерно го изведува делото „Без напор“ од Тејлор Скот Дејвис заедно со вокалниот ансамбл „8 Гласови“ на големата сцена на Сиднејската опера.  Во сезоната 2025/26 ќе настапува низ целиот свет со оркестри и изведувајќи камерна музика во Будимпешта и во Македонија, како и во Австралија, САД и Јужна Африка.

Со Кралската филхармонија ќе издаде нов албум со виолинскиот концерт од Барбер, а ќе биде издаден и албумот со двојниот концерт од Малком Арнолд кој го изведува заедно со Александар Ситковетски.  Неговиот албум со концертите од Шенберг и Брамс, снимен со оркестарот на Би-би-си, е оценет како „Албум на месецот“, а списанието „Би-би-си мјузик“ ја вбројува неговата изведба на Брамсовиот концерт за виолина во најдобрите изведби на ова дело на сите времиња.

Џек Либек свири на виолината „екс-Вилхелм“ изработена од Џ. Б. Гвадагини во 1758 година која му е дадена на користење од семејството на проф. Дејвид Бенет.

Списанието „Грамофон“ ја опишува пијанистката Катја Апекишева како „неверојатно надарен уметник“, а тоа само го потврдува нејзиниот статус како еден од најнадежните европски пијанисти.

Родена е во Москва во музичко семејство. Таа ја посетува Школата за музички надарени деца „Гнесин“ и дебитира како солист на 12-годишна возраст. Студиите ги продолжува на Музичката академија „Рубин“ во Ерусалим, а потоа и на Кралскиот колеџ за музика во Лондон. Таа е финалист и добитничка на наградата на Меѓународниот натпревар за пијанисти во Лидс, а потоа доаѓаат и покани за настапи со многу светски оркестри, меѓу кои: Лондонската филхармонија и оркестарот „Филхармонија“, оркестрите во Хале, Москва и Ерусалим, Англискиот камерен оркестар и Кралската филхармонија во Лондон, под диригентските палки на Сер Сајмон Ратл, Јан Латам Конит и Александер Лазарев.

Дискографските изданија на Катја вклучуваат соло и дела од камерната музика од Мусоргски, Шостакович, Стравински, Дворжак и Рахмањинов.

Неодамнешните и идни настапи ја водат Катја во Русија, Норвешка, Јапонија, Швајцарија, Италија, Данска, Германија, Австралија и на сцените во Велика Британија, каде е постојано присутна. Нејзината деликатност, а истовремено и силно сценско присуство придонесуваат таа да е чест пијано соработник на големите музички ѕвезди како: Џанин Јенсен, Натали Клајн, Гај Џонстон, Максим Рисанов, Џек Либек, Борис Бровцин, Алексеј Огринчук и Николас Даниел.

Таа редовно настапува на фестивали за камерна музика низ светот.

Како пијано дуо настапува со пијанистот Чарлс Овен со кој заедно се уметнички директори на Лондонскиот пијано фестивал кој го основаа во 2016 година.

Концертот ќе се одржи во катедралната црква „Света Софија“ од 21 часот. На програмата се дела на Шубер, Шопен, Изаи, Менделсон, Крајслер.