
Британија го забавува растот на цените – храната поевтини, инфлацијата е под прогнозите
Годишната инфлација во Велика Британија за септември изнесува 3,8 отсто, што е исто како во јули и август, а резултатот пријатно ги изненади економистите кои прогнозираа пораст на четири отсто, пренесува Гардијан.
Годишната инфлација во Велика Британија за септември изнесува 3,8 отсто, што е исто како во јули и август, а резултатот пријатно ги изненади економистите кои прогнозираа пораст на четири отсто, пренесува Гардијан.
Според денеска објавениот извештај на Канцеларијата за национална статистика (ONS), цените на храната во септември паднале за 0,2 отсто во однос на август, што е нивен прв месечен пад од мај минатата година, додека годишниот раст на цените на намирниците забави од 5,1 отсто на 4,5 отсто. Овој пад делумно се припишува на попустите во супермаркетите.
Поволните движења на цените на храната ги поттикнаа очекувањата дека Банката на Англија би можела порано да почне со намалување на каматните стапки, веќе во февруари 2026 година, наместо во март како што се очекуваше претходно.
Во секторот рекреација и култура, кој опфаќа кино и театарски билети, инфлацијата исто така ослабна, а цените на картите за концертите паднаа за 8,6 отсто во однос на август. Тие тенденции ги ублажија притисоците од транспортот, каде што трошоците за гориво и авионски билети се зголемија за 3,8 отсто на годишно ниво, забрзувајќи во однос на 2,4 отсто во август.
Годишната стапка на базната инфлација во Британија благо забави и тоа од 3,6 отсто на 3,5 отсто, се додава во извештајот.
Британската министерка за финансии Рејчел Ривс изјави дека не е задоволна со моменталните резултати и оти владата мора да направи повеќе за да ја поддржи Банката на Англија во намалувањето на инфлацијата.
Стапката на инфлација сè уште е речиси двојно повисока во однос на целта на Банката на Англија од два отсто, а Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) минатата недела соопшти дека Британија ќе има највисока стапка на инфлација меѓу земјите од Групата седум (Г7), како оваа, така и следната година.