Брејвик да остане во затвор – бараат норвешките обвинители!

Неонацистотот Андерс Бехринг Брејвик (42) да биде задржан во затвор, побараа денеска норвешките обвинители истакнувајќи дека е исто толку опасен, колку и во времето кога уби 77 лица, во 2011 година.

Брејвик тврди дека се одрекол од насилство и побара условно ослободување. Пред десет години тој беше осуден на казна затвор од 21 година.

„Брејвик е истиот злосторник кој ги повикуваше кај себе младите во Утоја, кои му поверуваа дека ќе им помогне, а тогаш пукаше во нив“ рече главната обвинителка Хулда Карлсдотир.

Брејвик неделава изјавил дека се одрекол од насилство, но и понатаму ќе се залага за неонацистичките идеи – на мирен начин.

Пред тројцата судии упати нацистички поздрав, мафташе со пораки испишани на хартија и држеше долги идеолошки тиради.