Брегу: Се зголемува ризикот од сиромаштија во Западен Балкан

Генералната секретарка на Советот за регионална соработка (РСС), Мајлинда Брегу изјави дека претстојниот самит на Берлинскиот процес, доколку политичарите се согласат, може да донесе значителни промени за просечните граѓани на Западен Балкан.

Во интервју за агенцијата Бета, Брегу посочи дека ризикот од сиромаштија во регионот расте и дека ниту една од шесте економии на Западен Балкан, според проекциите на ММФ, нема да ја достигне стапката на раст од 2021 година, нагласувајќи дека токму во време на криза доаѓа до израз регионалната соработка. Брегу изјави дека според ММФ, прогнозите за стапката на инфлација за регионот се до 27,8 отсто со раст на потрошувачките цени до 12,8 отсто во 2022 година.

Таа додаде дека пондерираниот просечен раст на БДП на шесте економии од Западен Балкан во 2021 година бил 7,6 отсто, но дека таквата висока стапка на раст на БДП се должи на намалувањето на растот од 3,1 отсто од 2020 година, што е репер. „Овогодинешната стапка на раст на БДП се предвидува да биде на многу пониско ниво имајќи предвид дека регионот е во голема мера поврзан со еврозоната“.

Посочувајќи дека порастот на инфлацијата несразмерно ги погодува сиромашните, Брегу го изрази својот страв дека „со оглед на тоа што населението во регионот на Западен Балкан троши повеќе од 50 отсто од буџетот на храна, пијалоци, струја, гас и други горива, повеќе домаќинства би можеле да се втурнат во сиромаштија, а особено имајќи предвид дека стапките на ризик од сиромаштија во регионот се веќе високи и повисоки од просекот на ЕУ од 21,9 отсто од населението“.

Брегу посочи дека кризата „повикува на трезвено размислување за предизвиците, слабите точки, но и можностите“ и дека токму тука доаѓа до израз регионалната соработка, потсетувајќи на соработката за време на пандемијата и формирањето регион без роаминг, како добри примери.