„Брако“ од понеделник на саемот за жичани производи во Диселдорф
Во понеделник „Брако“ со свој штанд ќе им се придружи на најдобрите производители на жица и жичани производи на саемот „Wire“ во Диселдорф, Германија.
Очекувањата се дека презентацијата на „Брако“ на престижниот саем во Диселдорф ќе придонесе во реализирањето на целта за производство на 3.000 тона месечно, жичани производи во следните четири години.
„Наша цел, како изложувачи на ’Wire Dusseldorf’ е да ја презентираме широката палета на жичани производи по која сме препознатливи во регионот, со посебен акцент на производствената програма на најновите еколошки постројки за производство на поцинкувана жица, со кои сме многу горди и сме први во Европа,“ вели директорот на жичано производство во „Брако“, Љупчо Прентоски.
Жичаното производство е една од првите производствени програми во компанијата која континуирано се развива со низа инвестициски активности во технолошки и просторни капацитети. Оваа програма опфаќа производство на клинци, жарена жица, опружна жица, поцинкувана жица, универзално жичано плетиво и бодликава жица.
На саемот кој што годинава се одржува од 20 до 24 мај под слоганот „Join the best“ во Messe Dusseldorf свое присуство имаат потврдено повеќе од 1.300 изложувачи од целиот свет кои на простор од над 57 илјади метри квадратни ќе ги презентираат своите производи и иновативни машини за производство на жици и кабли.