Еден од фаворитите за титулата во Копа Америка во својата прва средба на турнирот во рамките на групата Д одигра без голови против Костарика.
Бразилците предводени од Рафиња, Родриго и Винисиус Жуниор во шпицот покажаа низа грешки, деконцентрација во финишот и нервоза во играта.
Тоа беше дебитантски натпревар на големата сцена за тренерот Доривал Јуниор, кој ќе мора да најде начин неговиот тим да почне да постигнува голови.
Бразил постигна еден гол на овој натпревар, тоа се случи во 30. минута кога Маркињос ја затресе мрежата на Костарика по центаршут од прекин, но ВАР го поништи голот поради минимален офсајд.
„Верувам дека и покрај резултатот одигравме добар натпревар. Имавме добар проток на топката и создадовме добри шанси. Не сме задоволни од финишот, се согласувам со тоа. Генерално, покажавме многу добри работи. Мораме да најдеме начини да постигнеме гол Секогаш работиме на тоа, во секој момент“, изјави селекторот на Бразил по натпреварот.
Костариканците по мечот славеа како да победиле.
„Се надевам дека после ова многу луѓе ќе почнат да не гледаат со поголема почит. Сите мислеа дека сме мртви пред да започне филмот. Секој натпревар ќе го играме како да е финале”, изјави Аргентинецот Густаво Алфаро, тренерот на Костарика.
Во првата средба во групата, Колумбија го победи Парагвај со 2:1 (2:0) и со тоа го зазеде лидерското место во групата.
Блескаа фудбалерите на Кристал Палас, стрелци на двата гола за Колумбија.
Даниел Муњоз ја доведе Колумбија во водство во 32. минута за на одмор да оди со 2-0 по голот на Џеферсон Лерма.
Во продолжение Парагвај во 69. минута преку Хулио Енсис само успеа да го ублажи поразот за конечни 2:1.