Бојаџи за наградата и со порака до ВМРО-ДПМНЕ: Ако од Тозија направите ѕвезда, толку за ветените „промени и реформи“

Тозија е човекот кој ги финансираше полупроектите на самонаречените продуценти и режисери кои сега од позиција на господари на Друштво на филмски работници му доделуваат награда. За тоа што тој го направи за нив тие би требало да го позлатат, ако јас се прашувам, се вели во реакцијата на режисерот Јани Бојаџи, директор на ТВ Алфа на веста дека наградата „Големата ѕвезда на македонскиот филм” оваа година на фестивалот „Браќа Манаки“ постхумно ќе му биде доделена на Горјан Тозија.

„Но, ако битолскиот градоначалник Тони Коњановски ова го плати и поддржи, не знам каква сила ќе ме натера да споделувам каква и да е идеја со партијата која ветува реформи и промени“, вели директорот на Алфа ТВ.

Тој Тозија го нарекува „црвениот барон на самонаречената комуњарска филмска елита“, го смета за човек кој создаде филмски апартхејд кога како пулен на Заев стана директор на Агенцијата за филм и лично отпишал речиси 20-тина проекти на политички неистомисленици, го опструирал проектот „Македонија” а негов пулен ја држи во бункер серијата „Црвениот поет” посветена на Кочо Рацин.

„Ова е ‘црвениот барон’ на самонаречената комуњарска филмска елита. Тозија е човекот кој ги измисли луѓето и нивните филмски продукции кои преку кабинетот на Црвенковски ги финансираа проектите Надеж 1 и Надеж 2 кои беа основата на Шарената револуција, во која тој, неговите ‘деца’ и нивните татковци беа ударните тупаници и главните апологети, а денес се промоторите на нивната северна република. Тозија е човекот кој создаде филмски апартхејд кога како пулен на Заев стана директор на Агенцијата за филм и лично тој отпиша речиси дваесетина проекти на нивни политички неистомисленици, да не речам вмровци! Тозија го опструираше проектот ‘Македонија’, а негов пулен ја држи во бункер серијата ‘Црвениот поет’ посветена на Кочо Рацин. Тозија е човекот кој ги финансираше полупроектите на самонаречените продуценти и режисери кои сега од позиција на господари на ДФРМ му доделуваат награда. За тоа што тој го направи за нив тие би требало да го позлатат, ако јас се прашувам. Но, на Горјан Тозија да му се даде во рамките на ‘Манаки’ вакво признание најверојатно води кон тоа профашистичкото бугарофилскосеверџанско лоби на ДФРМ следната година да ја награди и Лени Рифенштал, за придонес во документарната кинематографија. Жената ја бива за тоа, нема што, докажана е! Мене за овој ‘частен купон’ не ми е гајле ништо, освен една работа: оваa глупост е финансирана и од Општина Битола! Ако градоначалникот Тони Коњановски ова го плати и поддржи, ќе го доживеам како најголем удар врз сите нас, единствените кои се бориме против најголемото зло на комуњарската власт – дискриминација и целосно бришење на нас и нашите дела од програмите на Агенцијата за филм, започнати и утврдени токму со овој човек. И секако, пола од приложената биографија му е лажна и е една обична комуњарска пропаганда за дела кои не се нивни или во кои немаат никакво лично достигнување, од ‘Пред дождот’ до ‘Медена земја’. Повторувам, ако ова го поддржи и плати Општина Битола, не знам каква сила ќе ме натера да споделувам каква и да е идеја со партијата која ветува реформи и промени. Ако ова се дозволи, ова е почетокот на крајот на било што. Реформите треба да почнат денес, а промените утре. Вие, ветувате промени. Ете ви ја првата можност“, напиша Бојаџи на својот фејсбук-профил.