Борисов се откажа од пратеничкиот имунитет, причина е истрагата за аферата „Барселонагејт“

Претседателот на една од бугарските владејачки партии ГЕРБ (Граѓаните за европски развој на Бугарија), и поранешен бугарски премиер, Бојко Борисов, соопшти дека се откажал од пратеничкиот имунитет.

-Разговарав со членовите на пратеничката група на ГЕРБ. Ќе се откажам од имунитетот и покрај тоа што поранешниот државен обвинител го направи против мене, рече Борисов во парламентот, иако претходно изјави дека „категорично одбива“ да му се одземе имунитетот.

Тој додаде дека има доверба во бугарските судови и обвинителство, јави Радио Бугарија.

Градското обвинителство во Софија претходно му предложи на државниот обвинител да побара укинување на пратеничкиот имунитет на Борисов поради случајот „Барселонагејт“.

Станува збор за афера во која поранешниот премиер е под истрага три години, а според обвинителот, собрани се докази дека Борисов перел пари давајќи незаконски стекнати пари на трети лица за купување недвижен имот во странство.