Бугарија и Република Северна Македонија потпишаа Договор за добрососедство, кој е вклучен во планот за проширување и никој не може да отстапи од него, изјави лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, кој е и претседател на Комисијата за надворешна политика во Националното собрание на Бугарија.
Борисов повика на трпение.
„Од нас се бара трпение. Реагираа сите институции. Не треба ние да изгледаме агресивни, бидејќи тактиката на нашите колеги од Северна Македонија е ние да бидеме виновни“, предупреди лидерот на ГЕРБ.
Борисов истакна дека „секој што ќе го прекрши добриот тон, а Бугарија не е таква, бидејќи ние никако не го прекршивме добриот тон, ќе ги трпи последиците од тоа“.
„Сакам да го уверам бугарскиот народ дека сè што направивме во Европската народна партија, во Европскиот совет, во Европската комисија, беше многу добро слушнато. Така функционираат европските институции. Не се закануваат, не навредуваат, а резултатот е Албанија ќе оди напред. Таа го прифати бугарското малцинство, а нашите колеги од Северна Македонија да го понесат она што го создаде нивното досегашно однесување“, рече Борисов.
„Понекогаш велат дека одмаздата е најдобра кога се сервира ладна. Ние како држава мораме да се исправиме и да не го следиме тонот на некаков министер“, рече лидерот на ГЕРБ.