Бојко Борисов – лидерот на ГЕРБ и поранешен премиер на Бугарија денеска ја коментираше политичката криза во неговата криза и францускиот предлог за деблокада на Македонија го оцени „како најдобар“.
„Сведоци сме на кукавички премиер (Кирил Петков). Како што ветив во саботата, ги прочитавме текстовите на нацрт-одлуката на Советот на ЕУ и преговарачката рамка за РСМ и Албанија. И морам да ви кажам дека текстот е навистина многу добар. Ги вклучува сите опасности и стравувања за Бугарија. Имам доверба во претседателот Макрон, имам доверба во ЕК. Досега се што се случи како добро за Бугарија е благодарение на ЕУ“ – рече Борисов.
Тој на прес-конференција повика веднаш да се свика Министерскиот совет, да се даде предлог и да се достави до Народното собрание.
„Верувам во Макрон, верувам во ЕУ. Сè што е добро во Бугарија доаѓа од ЕУ. ЕУ и НАТО во моментов бараат проширување со Западен Балкан. ГЕРБ го започна овој процес. Петков ќе оди во Советот на ЕУ и ќе каже дека некој му пречи. Петков ќе се крие и ќе се плаши додека ГЕРБ не ја заврши работата. Ние знаеме како да се грижиме за нашата работа. Француското претседателство ја направи најдобрата рамка и не може да биде подобра“ – порача Борисов.
Лидерот на ГЕРБ истакна дека актуелната влада не направила ништо во врска со Протоколот, кој е составен дел на францускиот предлог. Тој појасни дека овој Протокол сè уште не е потпишан.
„Петков си дозволува да лаже во Брисел дека ГЕРБ му пречи, дека министерот на Слави Трифонов му пречи и дека тие што не се со него се мафија. Не плашете се, дојдете во парламентот. Ова е најдоброто решение за Бугарија, Балканот и за ЕУ“ – нагласи Борисов.