„Од сè што предизвикаа „Продолжуваме со промената“ најдобрата опција за нив е да бидат опозиција и јас апсолутно ги разбирам. Или не не разбраа, или се преправаат – не им предлагаме коалиција, ниту каква било форма на комуникација надвор од она што е корисно за државата“, изјави лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов во коментар на утринската прес-конференција на „Продолжуваме со промената“. На прес-конференцијата Асен Василев и Кирил Петков категорично изјавија дека нема да поддржат влада со мандат на ГЕРБ и цврсто остануваат во опозиција.
„Ќе ве потсетам за што разговаравме и зошто ќе функционира посредувањето: првата и најважна тема е војната во Украина. Таа ни тропа на врата и е веднаш до нас. Гранатирање на Запорожје, нуклеарна војна на врата. Затоа, нашата група ја сочинуваат луѓе кои со своите позиции се докажале пред нашите евроатлантски партнери – Соломон Паси и Росен Плевнелиев и кој сака може да ни се придружи. Нормално е да се има различно расположение после избори“, рече Борисов.
Борисов додаде и дека „народот рече ‘да’ на ГЕРБ, но не кажа ГЕРБ да владее сам“. „Ние во никој случај не мислиме дека не е важно што мислат амбасадите – ги земам предвид моите партнери од ЕУ и НАТО, и за нив тема број еден е војната во Украина, се освен тоа е празен муабет“, рече тој.
„Коалиција се прави само со сестрински партии од еден европски блок. Папочната врвца на ГЕРБ е врзана за евроатлантските партнери кои ми веруваат до ден денес. Ситуацијата е таква што е, и на нови избори ќе биде така. Се надевам дека разумот ќе надвладее“, изјави Борисов чија партија доби најмногу гласови на изборите минатата недела, но нема мнозинство за да направи влада.