Борел: Хамас да ги ослободи сите заложници, Израел да покаже максимална воздржаност за доброто на цивилите

Шефот на дипломатијата на Европската унија, Жозеп Борел, вечерва изјави дека Европската унија повикува на безусловно ослободување на сите заложници кои ги држи палестинскиот Хамас и го повика Израел да покаже максимална воздржаност за да обезбеди заштита на цивилите.

„ЕУ и сите нејзини 27 земји-членки се длабоко загрижени поради влошувањето на хуманитарната криза во Газа. Повикуваме на итна пауза во сите непријателства за да се отворат хуманитарни коридори, за хуманитарната помош безбедно да стигне до граѓаните на Газа“, напиша Борел на платформата Х.

Тој го повика Хамас веднаш и безусловно да ги ослободи сите заложници.

„Ја осудуваме употребата на болниците и цивилите од страна на Хамас како жив штит. На цивилите мора да им се дозволи да ја напуштат борбената зона. Борбите сериозно ги погодуваат болниците и имаат ужасен биланс на цивилите. Меѓународното хуманитарно право налага болниците, медицинската опрема и цивилите во болниците да бидат заштитени“, рече Борел, пренесува Танјуг.