Борел: Работиме на безбедносни гаранции за Украина на долг рок

Наспроти меѓународната осуда, рускиот претседател Владимир Путин не покажува знак дека има намера да прекине со аграсијата врз укрианскиот народ и затоа подршката на Европската Унија за Украина е важна за да може земјата да се одбрани од инвазијата од Русија, порача денеска високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедност Жосеп Борел по неформалната средба на министрите за одбрана на блокот во шпанскиот град Толедо.

– Работиме на безбедносните гаранции што може да и се дадат на Украина на долг рок, не само сега во војната, туку и за да и се обезбеди одржлива финансиска поддршка, рече Борел на заедничката прес-конференција со шпанската министерка за одбрана Маргарита Роблес.

Тој нагласи дека поддршката од ЕУ за Украина ќе се состои во три дела, од кои првиот ќе опфати создавање на Фонд за догорочна финансиска поддршка за периодот од 2024 до 2027 година, за што ќе се разговара и на утрешната неформална средба на министрите за надворешни работи во Толедо. Според Борел, во рамките на овој Фонд за Украина ќе бидат обезбедувани по пет милијарди евра годишно.

Високиот претставник на ЕУ нагласи дека вториот дел од поддршката се состои од мисијата за обука на украинските војници, во чии рамки во моментов се обучуваат 25.000 припадници на Вооружените сили на Украина, дел и во Толедо, а се е планира до крајот на октомври нивниот број да се зголеми до 30.000, а до крајот на годината и до 40.000.

– Но, не е важен само квантитетот, туку треба да се обезбеди и квалитет, рече Борел.