Борел: Проширувањето им централна улога во геополитичкиот пристап на ЕУ
Јасен став на Европската комисија е дека проширувањето им централна улога во геополитичкиот пристап на ЕУ, порача денеска високиот претставник за заедничка надворешна и безбедносна политика на Унијата, Жосеп Борел при презентацијата на Пакетот извештаи за проширувањето.
Јасен став на Европската комисија е дека проширувањето им централна улога во геополитичкиот пристап на ЕУ, порача денеска високиот претставник за заедничка надворешна и безбедносна политика на Унијата, Жосеп Борел при презентацијата на Пакетот извештаи за проширувањето.
– Граѓаните очекуваат од Европската Унија да дејствува со цел да се гарантира стабилноста и соработката во нашето соседство. Ако тоа не можеме да го сториме во нашето најблиско соседство, тешко ре да се верува дека тоа ќе успееме да го направиме во подалечните делови од светот, нагласи Борел, додавајќи дека Европската Унија нема да биде само набљудувач на настаните.
На заедничката прес-конференција со еврокомесарот за проширување и соседска политика, Борел нагласи дека во изминативе пет години се соочивме со предизвици без преседан во сферата на здравството, животната средина и безбедноста, а речиси пред 1000 дена Русија ја започна целосната агресија врз Украина.
– Русија претставува егзистенцијална закана за Европа, повеќе од кога било до сега, и членството во ЕУ стана стратешки избор. Алтернативите (на членството) може да бидат полесни на краток рок, но она што е лесно на краток рок, може да донесе тешкотии на долг рок, порача Борел.
Тој нагласи дека она што е наведено во извештаите се базира на индивидуалните достигнувања на земјите аспиранти за членство и нивните заслуги, чиј темел пред се е владеењето на правото.
– Во изминатите пет години пристапните преговори се вратија на врвот на приоритетите на Европската комисија. Во 2019 година имаше пет кандидати за членство, а денес има девет земји кандидати и еден потенцијален кандидат, што ги прави 10, односно двојно повеќе. Тоа покажува дека Европската Унија дејствува како магнет, привлекувајќи луѓе и држави, истакна Борел.
Според него, постепената интеграција донесе резултати, па така земјите вклучени во пристапниот процес веќе имаат видлива корист од тоа.
– Тоа значи дека не мора да чекате до крајот за да ги добиете сите придобивки (од членството), туку тоа е процес низ кој има видливи придобивки кои граѓаните ги чувствуваат секојдневно, рече Борел, додавајќи дека тоа вклучува пристап до програмата Еразмус+, тоа што сите граѓани од Западниот Балкан може да патуваат во ЕУ без визи, како и Планот за раст на регионот и инструментите за поддршка на Молдавија и Украина, со кои се наградуваат реформите, од кои најважно е владеењето на правото.
Тој посочи дека ЕУ се обидува да воспостави посилни врски со кандидатите за членство во сферата на енергетската и безбедносната политики, со цел да се одбранат европските вредности, да се зачува регионалната стабилност и да се заштити глобалниот поредок.
– Нашата Унија не треба да биде само поголема, туку и посилна. Можете да станете поголеми, но тоа не значи автоматски дека сте и посилни. Ние го сакаме и едното и другото. Сакаме да ги интегрираме нашите соседи и сите заедно да бидеме посилни, рече високиот претставник на ЕУ.
Борел посочи дека во услови на руската агресија врз Украина, не може да развивате односи со Русија како се да е нормално, а во исто време да сакате членство во ЕУ, бидејќи не може и едното и другото.
Според него, во изминативе години има значително усогласување на кандидатите за членство со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, што е показател дека тие ги споделуваат европските вредности и геополитички цели.
– Некои наши партнери се целосно усогласени со нашата заедничката надворешна и безбедносна политика. Би можел да споменам Македонија, Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово, кое доброволно се усогласува, потенцира Борел.
Вархеји, од своја страна, нагласи дека актуелна Европска комисија работеше напорно да го врати проширувањето како еден од трите нејзини приоритети и тоа не само да се дискутира за тоа, туку и да се оствари напредок.
– Проширувањето не е поврзано само со промената на нашето геополитичко опкружување, туку тоа е и во интерес на ЕУ, истакна Вархеји, додавајќи дека членството во Унијата е долгорочна гаранција за мир, стабилност, безбедност и просперитет.
Тој нагласи дека со измената на метедологијата за членство извршена во 2020, ЕУ направи многу значајна промена во пристапот и го врати кредибилитетот на процесот, кој се загуби негде попатно, правејќи го предвидлив со ставот дека ако има напредок од едната, ќе го има и од другата страна.
– Врз основа на тоа можеме да кажеме дека направиме многу. Не само што имаме нов земји кандидати за членство, туку и шест земји кои преговараат, а може да им се приклучи и седма ако Советот донесе одлука за старт на преговорите со БиХ, рече Вархеји.
Според него, сето ова е видлив напредок и врз основа на тоа до крајот на мандатот на новата Европска комисија би можеле да очекуваме ново проширување на Унијата.
Тој посочи и дека паралелно со ова, ЕУ работи и на намалување на економско-социјалниот јаз меѓу земјите кандидати и членките на Унијата, за што се одвоени 30 милијарди евра само за земјите од Западниот Балкан, што претставува една третина од БДП на регионот.
– Не само што е потребно ЕУ да биде силна, туку треба и да ја донесе Европа во соседните региони, рече Вархеји, потенцирајќи дека за таа цел е подготвен и Планот за раст на Западниот Балкан, како и алатки за поддршка на Молдавија и Украина, што треба да им помогне на овие земји да ги спроведат потребните реформи и да бидат подготвени за членство во ЕУ до крајот на мандатот на новата Комисија, кој завршува кон крајот на 2029 година.
Пакетот извештаи за проширувањето ја оценува усогласеноста на земјите кандидати и потенцијални кандидати за членство во ЕУ со Копенхашките критериуми, кои се однесуваат на стабилност на институциите кои ги гарантираат демократијата, владеењето на правото, почитувањето на човекови права и заштита на малцинствата, потоа одржувањето на функционална пазарна економија и нејзината способност за справување со конкурентскиот притисок и пазарните сили во ЕУ, како и капацитетите да се преземат обврските од членството, вклучително и за ефикасно спроведување на правилата, стандардите и политиките на ЕУ.
Пакетот за проширување ги дефинира експлицитно оние реформи што треба да ги преземат земјите опфатени со пристапниот процес за да станат членки на ЕУ и информира за нивниот напредок на патот кон членство во Унијата.
Во документот се прави и преглед на спроведувањето на клучните политички и економски реформи од страна на аспирантите за членство и им се даваат јасни препораки за следниот период.