Интензивирањето на руските ракетни напади врз Украина, покажува дека на земјата и е потребно зајакнување на противвоздушната одбрана, изјави високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел на прес-конференција по завршувањето на денешното заседание на Советот за надворешни работи (ФАК) на Унијата.
-Таа одбрана е потребна сега. Дискутиравме и направивме преглед за тоа што можеме да го обезбедиме… Земјите членки ја разгледаа можноста за зголемување на поддршката на Украина со цел да ги одбие криминалните воздушни напади, истакна Борел, нагласувајќи дека речиси сите министри“ го осудиле интензивирањето на руските ракетни напади врз Украина и особено последното ракетирање на детската болница во Киев.
Според него, второ прашање за кое се расправало на Советот во однос на Украина е енергетската инфраструктура, во услови кога огромен процент од украинските капацитети за производство на електрична енергија се оштетени или уништени.
– Сега е лето, но замислете што ќе биде во текот на зимата. (Рускиот претседател Владимир) Путин сака да ја втурне Украина во мрак и студ, изјави Борел, додавајќи дека побарал од земјите членки да обезбедат поголема поддршка за обнова и зајакнување на украинските капацитети за производство на електрична енергија.
Тој нагласи дека повеќето земји членки побарале укинување на унгарската блокада на исплатата на средства за воена помош на Украина преку Европскиот мировен механизам и ја нагласиле потребата од активирање на механизмот за поддршка за земјата преку Украинскиот механизам.
-Тоа е блокирано од една земја членка повеќе од една година. Земјите членки инсистира дека тоа е неприфатливо, но за жал состојбата со блокадата остана непроменета, додаде Борел.
Високиот претставник ги информирал министрите за исплатата на првата транша од 1,4 милијарди за Украина од средствата од профитите од замрзнатите руски депозити, како и за наредната планирана за почетокот на август, кои ќе бидат искористени за итни одбранбени потреби, но и за зајакнување на украинската одбранбена индустрија.