Високиот претставник на Европската унија (ЕУ) за надворешна политика и безбедност, Жосеп Борел, изјави дека е крајно време Белград и Приштина да стават крај на кризата и напнатоста и да преминат во нова европска ера, со спроведување на договорот постигнат една година.
„Сега е крајно време и Косово и Србија да стават крај на сегашниот маѓепсан круг на кризи и тензии и да преминат во нова европска ера. Договорот (на патот кон нормализација и Анексот за негова имплементација) нуди подобра иднина за граѓаните на Косово и Србија и на целиот регион“, се наведува во соопштението по повод годишнината од тој договор.
Борел рече дека ЕУ очекува лидерите на Косово и Србија да покажат одговорност, визија и лидерство со тоа што ќе постигнат напредок во спроведувањето на договорот без натамошно одлагање.
„Тоа е шанса што не треба да ја пропуштат. ЕУ е сè уште подготвена да им помогне на Косово и Србија на секој чекор од патот, но тие се оние кои треба да ги преземат тие чекори и да продолжат напред“, додаде тој.
Договорот и анексот за негова имплементација беа постигнати по неколкумесечни интензивни преговори со посредство на ЕУ за да им се помогне на страните да направат чекор напред во нормализирање на односите.
„Во време на невидена целосна војна на нашиот континент, постигнувањето договор кој ветува мир, стабилност и добрососедски односи беше значајно достигнување“, рече Борел.