Европа мора да се подготви за потенцијална војна, бидејќи конфликтот од големи размери на континентот надвор од Украина „повеќе не е фантазија“, предупреди министерот за надворешни работи на Европската унија.
„Русија и се заканува на Европа“, како преку војната во Украина, така и преку хибридни напади врз земјите-членки на ЕУ, изјави вчера Жосеп Борел во говорот во Брисел, а пренесува „Фајненшл тајмс“ (ФТ).
„Војната секако ни се заканува“, рече Борел.
„Конвенционалната војна со висок интензитет во Европа повеќе не е фантазија“ вели тој.
ФТ вели дека ова е првпат поранешниот шпански министер за надворешни работи да ја искаже заканата од Русија толку експлицитна, по неодамнешните предупредувања од воените началници и лидери во северна Европа за ризикот од дополнителни руски напади надвор од Украина. Данскиот министер за одбрана во февруари рече дека Русија може да ја тестира солидарноста на НАТО во рок од три до пет години.
„Берлинскиот ѕид е заменет со огнен прстен околу нас“, рече Борел, мислејќи на војната меѓу Израел и Хамас и нестабилноста во Северна Африка.
Конфликтот на границата со ЕУ ја разоткри недоволното инвестирање на блокот во одбранбената индустрија и во воените капацитети. Таа, исто така, предизвика загриженост кај своите членки дека САД би можеле да ја напуштат својата улога како главен гарант за безбедноста на континентот доколку Доналд Трамп биде реизбран за претседател по изборите во САД во ноември.
Британскиот весник наведува дека руските сили распоредуваат значително повеќе оружје и жива сила во Украина отколку што може Киев, што предизвикува загриженост во западните престолнини дека Москва може да оствари значителни територијални придобивки оваа година.
Европските земји, кои ги намалија воените трошоци во децениите по крајот на Студената војна, ги засилија инвестициите во производствените капацитети на одбранбената индустрија во обид да ги зголемат испораките за Украина и да ги вооружат своите сили.
Сепак, потребни се повеќе инвестиции имајќи предвид дека безбедносната ситуација во Европа стана „егзистенцијална криза“, рече Борел.
„Потребен ни е нов механизам за меѓувладино финансирање… сличен на оној што го создадовме за време на финансиската криза (Еврозоната)“.
Некои лидери на ЕУ побараа тоа финансирање да се зголеми преку заеднички обврзници за воени цели, додека други, спротивставени на идејата за поголем заеднички долг, поддржуваат полабави правила што ќе му овозможат на буџетот на ЕУ да го финансира производството на оружје, пишува ФТ.