Борел и Вархеи бараат „истрага“ за наводите за изборните нерегуларности во Србија

Штефан Шенах, шефот на делегацијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа која ги набљудуваше изборите во Србија, изјави дека вистината е шокантна и дека на опозицијата ѝ е украдена победата во Белград.

Од течно спроведување на изборите, до остри критики за целиот изборен процес , па дури и обвинувања дека на опозицијата ѝ е украдена побеада во Белград. Вакви изјави вчера и денеска даваа набљудувачите од Советот на Европа и Европскиот парламент за изборите во Србија на кои уште една убедлива победа однесе Српската напредна партија на претседателот Александар Вучиќ.

Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика, Жозеп Борел, и европскиот комесар за проширување, Оливер Вархеи, изразија очекување дека надлежните државни органи на Србија ќе одговорат на транспарентен начин на веродостојните извештаи за нерегуларности на изборите, кои вклучуват наводи за нерегуларности на изборите во Белград.

Борел и Вархеи рекоа дека во светлината на тие прелиминарни наоди и заклучоци, со загриженост заклучуваат дека изборниот процес бара опипливо подобрување и натамошни реформи, бидејќи правилното функционирање на демократските институции на Србија е во сржта на процесот на пристапување во ЕУ.

Унијата го очекува конечниот извештај на мисијата на ОДИХР и препораките за идните избори, кои треба да се спроведат што е можно поскоро и многу пред следните избори, велат Борел и Вархеи.

Тие го повикаа српското политичко раководство да обезбеди конструктивен и инклузивен дијалог низ политичкиот спектар.

Портпаролката на Европската комисија, Ана Писонеро денеска на прес-конференција изјави дека Комисијата со загриженост констатира дека е неопходно да се подобри и реформира изборниот процес во Србија.

Таа рече дека се земени предвид прелиминарните наоди на меѓународните набљудувачи на ОБСЕ за изборите одржани на 17 декември.

Европската комисија изрази загриженост за изборниот процес во Србија, имајќи предвид дека правилното функционирање на демократските институции е главниот услов за пристапување на Србија во Европската унија, беше речено денеска на прес-конференција.

На конференцијата што се одржа во седиштето на ЕУ, беше посочено дека Комисијата го очекува конечниот извештај на ОДИХР и препораките за идните избори, кои треба да се спроведат што е можно поскоро и пред следните избори.

Се очекува надлежните органи во Србија на транспарентен начин да достават веродостојни извештаи за споменатите изборни нерегуларности.

Ова ги вклучува наводите за локалните избори во Белград и другите општини, со повик до српското политичко раководство да обезбеди конструктивен дијалог на целиот политички спектар.