Борел: За да нема длабока криза во регионот, мора да се реши спорот Скопје -Софија пред јули

Жозеп Борел – високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, изјави дека поставува временска рамка за решавање на спорот меѓу С. Македонија и Бугарија, до крајот на француското претседателство, на 30 јуни.

„Длабоко навлеговме во прашањето за односите со Бугарија, кое го блокира процесот,  за време на дебатата помеѓу земјите членки на ЕУ, и ова е нешто што мора да биде надминато, има политичка волја во Советот за да се избегне криза што би се случила ако не се реши до крајот на француското претседателство ставам временски рок. Ако не се случи ќе имаме сериозна криза во односите со земјите од Западниот Балкан, и ќе продолжиме да вршиме притисок врз двете страни да се изнајде решение“ – изјави Борел вечерва од Брисел.

Тој потсети и дека С. Македонија, заедно со Албанија и Црна Гора, се целосно усогласени со надворешната политика на ЕУ и со санкциите на ЕУ против Русија, како и дека С. Македонија и Албанија се наоѓаат на списокот на непријателски земји на Москва.

Сево ова, посочи, ќе има цена.

„Треба да започнеме преговори со С. Македонија и Албанија, и се надевам, повеќе од надеж и желба, дека тоа ќе се случи за време на француското претседателство, сметаме дека ова одлагање е неодржливо“ – рече Борел.