Борел: ЕУ ќе обезбеди два милиони евра за поголема отпорност на Северна Македонија, Албанија и Црна Гора

Еден од резултатите на Самитот ЕУ-Западен Балкан ќе биде најавата дека ќе обезбедиме дополнителни речиси два милиони евра со цел да ја зајакнеме отпорноста на Северна Македонија, Албанија и Црна Гора, порача високиот претставник за заедничка надворешна и безбедносна политика на Унијата, Жосеп Борел пред почетокот на средбата на врвот во Брисел.

– Во текот на оваа година многу патував во регионот. Го одржавме Советот за асоцијација во Албанија и Северна Македонија. И ние мора да продолжиме да се ангажираме повеќе со нив, особено на зголемување на отпорноста на кибер напади и новите форми на војување, рече Борел.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, тој нагласи дека живееме во тешко, предизвикувачко и опасно опкружување и тоа влијае врз ЕУ, врз нејзиното соседство и врз Западниот Балкан, па затоа процесот на проширување мора да се забрза.

– Тоа е нашата најважна безбедносна гаранција и нашиот најважен начин да станеме партнери, истакна Борел.

Според него, од надворешнополитички аспект ЕУ мора да ги поддржи оние земји од Западниот Балкан кои се поусогласени со заедничката надворешна и безбедносна политика, бидејќи од тоа зависи нивната отпорност на безбедносните предизвици.

– Работите се движат – полека, но се движат. И ние мораме да ги туркаме да продолжат по овој пат, бидејќи тоа е единствениот начин тие да имаат јасна европска перспектива, порача Борел.