Жосеп Борел – високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност рече дека земјите на ЕУ треба да размислат за запленување на замрзнатите девизни резерви на Русија за да ги насочат средствата за обнова на Украина.
Тој во интервју за „Фајненшл тајмс“ потсети дека САД претходно ја презедоа контролата врз имотот во вредност од милијарди долари што ѝ припаѓаат на авганистанската централна банка, делумно за да ги обесштетат жртвите на тероризмот, како и за хуманитарна помош во земјата.
Според него, би било можно да се разгледаат такви чекори со руските резерви.
„Би ја поддржал идејата бидејќи звучи логично“, изјави Борел и нагласи дека прашањето за финансирање на обновата на Украина е клучно политичко прашање, со оглед на „неверојатната сума“ што треба да се обезбеди.