Најмалку 13 луѓе загинаа во вчерашниот пад на руски борбен авион во станбена област во јужниот руски град Јејск близу Украина.
Двајцата пилоти на „су-34“, кои биле на тренинг лет, успеале да се катапултираат, пред авионот да удри во зграда, која притоа се запали.
Руските власти го ревидираа бројот на жртвите откако заврши потрагата по урнатините, а меѓу нив се и три деца. Од деветкатната зграда се извлечени 68 станари, од кои 19 се повредени.
„Според извештајот на пилотите, причината за уривањето е пожар на еден од моторите при полетувањето. На местото на падот, во дворот на станбен комплекс, горивото од авионот се запалило“, соопшти министерството.
Локалните медиуми објавија дека пожарот зафатил пет ката од зградата, а дел од становите е уништен. Истражувачкиот комитет на Русија отвори криминален случај и испрати свои истражители на местото на несреќата.
Јејск се наоѓа на спротивната страна од окупираната територија во јужна Украина, од која е одделена со Азовско Море.