Боки 13 во предканцерогена состојба е вратен во затворот „Идризово“

Правниот тим на Бојан Јовановски – Боки 13 информира дека тој од „болничко лекување повторно е вратен во затворот „Идризово“ во пред канцерогена состојба“.

„Ваквото постапување е спротивно на препораките дадени од десетици лекари кои го лекуваа Јовановски во изминатиот период, спротивно на конзилијарните мислења и лекарските извештаи. Во нив јасно стои дека без прекин на казната, услови за лекување на метаплазието на желудник не може да се спроведе во пенални услови, а со оглед на специфичната состојба во која се наоѓа“ се вели меѓудругото во соопштението од неговиот правен тим.

Оттаму посочуваат дека „за предканцерогената состојба на Јовановски, Ви доставуваме и хистопатолошки наод од Институтот за патологија при Медицинскиот факултет во Скопје каде се констатира: „Наодот одговара за хроничен гастритис со фокуси на интестинална метаплазија“.

„Од медицинската документација, која исто така Ви ја доставуваме во целост, јасно стои: „Доколку не се спроведат дадените препораки за понатамошно лекување на пациентот исклучиво и единствено во задолжителни домашни услови, согласно сето погоренаведено ќе настанат трајни последици по животот и здравјето на пациентот. Наодот е реферириран на стручен колегиум на ЈЗУ УК св. Наум Охридски и стручниот колегиум е едногласно согласен за дадените препораки и упатство за понатамошно лекување“. И од Клиниката за дигестивна хирургија, чиј наод Ви го доставуваме, е посочено: „Се придржуваме кон препораките издадени од колегите од ЈЗУ УК св. Наум Охридски, со оглед на фактот дека пациентот таму е опериран и лекуван и од ЈЗУ за Гастроентерохепатолигија каде што е прегледуван и иследуван“ – велат оттаму.

Потсетуваат дека „Јовановски веќе алармираше дека е мета на невидена и незапаметена тортура, која исто така, влијае на неговото здравје. Враќањето на Јовановски во пенални услови и во ваква здравствена состојба не претставува само грубо кршење на неговите права, туку и опасност за неговиот живот“.