
Божиновска: Преку Национален инвентар на јавни згради до план за реконструкција, пониски трошоци и сериозни заштеди
Почна процесот за создавање на Национален инвентар на јавни згради – база на податоци која треба суштински да го промени начинот на кој државата планира, инвестира и управува со своите јавни објекти. Настанот, одржан во Свечената сала на Владата, ги собра претставниците на ресорните министерства, општините и јавните институции, кои уште еднаш го потврдија значењето на систематското прибирање и анализа на релевантни податоци за неколку илјади јавни згради низ земјата, информираат од Министерството за енергетика, рударство и миниерални суровини.
Почна процесот за создавање на Национален инвентар на јавни згради – база на податоци која треба суштински да го промени начинот на кој државата планира, инвестира и управува со своите јавни објекти. Настанот, одржан во Свечената сала на Владата, ги собра претставниците на ресорните министерства, општините и јавните институции, кои уште еднаш го потврдија значењето на систематското прибирање и анализа на релевантни податоци за неколку илјади јавни згради низ земјата, информираат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Како што посочуваат, во своето обраќање, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, ја нагласи реформската важност на овој процес.
-Ова е реформска алатка што ни овозможува конечно да имаме точна и целосна слика за тоа како функционира јавниот сектор низ призма на енергетската ефикасност. За првпат, на едно место ќе ги обединиме податоците за потрошувачката на енергија, емисиите, состојбата на објектите и потребите за реновирање. Тоа знаење е нашата најсилна почетна точка. Без точни и прецизни податоци нема ниту паметни политики, ниту добри инвестиции, ниту одржлива енергетска иднина. Ова не го правиме за да исполниме формална обврска, го правиме за да изградиме јавни простори кои се енергетски ефикасни, отпорни и современи. Простори што ќе значат помали сметки, помали трошоци и пофункционални згради и за институциите и за граѓаните кои секојдневно ги користат, рекла Божиновска.

Директорот на Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ) за Северна Македонија, Давид Оберхубер, истакна дека Националниот инвентар не е само технички процес, туку обврска кон иднината.
-Инвеститорите – домашни или меѓународни – финансираат она што е мерливо. Овој инвентар ќе ѝ даде на Северна Македонија јасна слика за она што ѝ е потребно, но исто така и силна основа да привлече средства за реновирање на јавните згради, за намалување на енергетската потрошувачка и со тоа да станат институции подобри за граѓаните. GIZ останува целосно посветен на оваа соработка, посочил Оберхубер.
Професорот на Машинскиот факултет во Скопје Даме Димитровски ја нагласил еколошката и економската димензија на процесот.

-Јавните згради во Македонија се меѓу најголемите потрошувачи на енергија и воедно значителен извор на емисии – не само CO₂, туку и цврсти честички кои влијаат на квалитетот на воздухот во нашите градови. Секој чекор кон нивна модернизација и подобрување на енергетската ефикасност значи не само исполнување на обврските кон Енергетската заедница и меѓународните договори, туку и почист воздух, поздрави заедници, подобри услови за работа и економски поодржливи јавни институции. Како Влада, ја препознаваме важноста на ова прашање. Во изминатите години започнавме со подготовки на низа стратешки документи и програми за енергетска ефикасност, реновирање и модернизација на јавните објекти, истакнал Димитровски.
Националниот инвентар, како што се посочува во соопштението, е клучна алатка за идните инвестиции. Јавните згради – болниците, училиштата, административните објекти и културните институции се меѓу најголемите потрошувачи на енергија во државата. Промената во управувањето со овие згради е неопходна, бидејќи јавниот сектор има обврска да го покаже патот и да биде пример за рационално, одржливо и одговорно користење на енергијата.
-Националниот инвентар ќе овозможи: систематска процена на енергетската состојба на секоја јавна зграда; дефинирање приоритети за реновирање; изработка на инвестиционо портфолио; поефикасно буџетско планирање; подобрени услуги за граѓаните. Овој процес е дел од проектот Партнерство за енергетска ефикасност на згради (PEEB Cool), финансиран од Зелениот климатски фонд, Француската агенција за развој (AFD) и Германската влада преку GIZ, се прецизира во соопштението од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.