
Божиновска на „Форум за слобода“: Енергетиката не трпи импровизации и брзи, опасни потези од денес за утре
Во своето обраќање, министерката Божиновска потенцираше дека од формирањето на Министерството во 2024 година, енергетскиот сектор минува низ најдинамичниот реформски период досега.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, учествуваше на дводневниот „Форум за слобода“, меѓународен политички настан во организација на Унијата на млади сили во Северна Македонија и глобалната мрежа на центар-десни и конзервативни политички подмладоци. Настанот, обедини учесници, млади лидери од повеќе од 45 земји, со фокус на политичките, економските и стратешките предизвици пред младите генерации во Европа и пошироко.
Панелот посветен на енергетиката, на кој учествуваше министерката Божиновска, привлече значително внимание поради нејзиниот директен и аргументиран пристап кон енергетската политика – тема која денес е клучна за секоја модерна држава.
Во своето обраќање, министерката Божиновска потенцираше дека од формирањето на Министерството во 2024 година, енергетскиот сектор минува низ најдинамичниот реформски период досега.
„Се соочивме со обврска сè да се одвива забрзано – да создадеме институција од нула, да ја стабилизираме состојбата и да воспоставиме јасна мисија. Денес можам да кажам: за првпат по долго време Северна Македонија има јасна енергетска насока, конкретни проекти и регионални партнери кои нè гледаат како сериозен играч“ истакна министерката.
Божиновска нагласи дека енергетиката е сектор каде нема простор за импровизации.
„Или имаш податоци, стратегија, инфраструктура и партнерства — или немаш ништо. Затоа првата работа што ја направивме беше да ставиме ред: да видиме каде сме, што имаме, што ни недостига и што реално може да се реализира со темпо што го бараат модерните енергетски пазари,“ рече министерката.
Таа ги презентираше клучните резултати: започната реализација на гасниот интерконектор со Грција, синхронизирана работа со Србија на иден интерконектор, финализирано електроенергетско поврзување со Албанија, нов темелен Закон за енергетика, нови закони за Обновливи извори, за геологија и рударство, енергетска ефикасност, забрзани постапки за приклучување на ветерни и соларни капацитети, тригодишен план за енергетско ефикасно реновирање на јавни згради, подготовка на мастер-план за мрежата и инвестиции.
Во панел-дискусијата таа зборуваше и за регионалната интеграција како предуслов за стабилност.
„Не може држава да се затвори сама и да очекува дека ќе ги реши сите свои енергетски предизвици. Во енергетиката, самостојност без поврзаност веќе не значи сигурност – денес се гледа јасно дека само земјите кои се дел од глобалниот енергетски мрежен систем можат да бидат стабилни.“
Таа подвлече дека Северна Македонија прави пресврт во своето позиционирање:
„Интерконекторот со Грција го менува начинот на кој земјата пристапува до европските пазари и до нови извори на гас. Во паралела, со Србија и Албанија создадовме нова рамка на функционална регионална соработка. Во енергетиката, сами не можете да опстоите. Во минатото седевме сами. Не учествувавме активно на ниту еден значаен форум каде се кроеше енергетската политика – бевме аутсајдери, исклучени од главните европски и глобални процеси. Денес, тоа повеќе не е случај.“
Таа потсети и на октомврискиот Меѓународен енергетски форум, кој го организираше Министерството:
„Северна Македонија не само што денес седи на маса рамноправно со другите држави, туку ја презема и улогата на домаќин. На 14-тиот Меѓународен форум за енергија за одржлив развој (IFESD-14), во Скопје ги донесовме оние што ја обликуваат иднината на енергетиката – над 800 учесници од повеќе од 70 земји. Тоа е јасна порака дека Северна Македонија се враќа како фактор на регионалната и европската енергетска мапа.“