Божиновска: Интеграцијата на македонскиот во европскиот пазар на електрична енергија е наша стратешка цел

Интеграцијата на македонскиот организиран пазар на електрична енергија во Единствениот европски пазар е од стратешко значење за државата. Министерството целосно го поддржува процесот што го спроведува Националниот оператор на пазар на електрична енергија - МЕМО. Станува збор за сериозен влог - зголемена ликвидност на пазарот, поконкурентни цени и поголема сигурност на снабдување, што директно влијае на економската стабилност и предвидливост, истакна Божиновска.

Добро е да се чуе дека Европската Унија е оптимист кога станува збор за земјите од Западниот Балкан, порача министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска во обраќањето на Вториот Форум за интеграција на пазарот на електрична енергија (ЕМИФ), што попладнево се одржа во Европскиот парламент во Брисел.

– Интеграцијата на македонскиот организиран пазар на електрична енергија во Единствениот европски пазар е од стратешко значење за државата. Министерството целосно го поддржува процесот што го спроведува Националниот оператор на пазар на електрична енергија – МЕМО. Станува збор за сериозен влог – зголемена ликвидност на пазарот, поконкурентни цени и поголема сигурност на снабдување, што директно влијае на економската стабилност и предвидливост, истакна Божиновска на панелот „Проширување на единствениот европски пазар на електрична енергија во 2026 година?“.

Таа посочи дека процесот на пазарно поврзување на земјава започна уште во 2017 година со склучувањето на Меморандум за разбирање за енергетско поврзување со Албанија, Грција и Косово, а потоа и со Бугарија, за сега да работи на усогласување на националното со законодавството на ЕУ и на имплементација на Планот за поврзување на пазарите под надлежност на Агенцијата на Европската Унија за соработка на регулаторите за енергија.

Во контекст на новата енергетска визија на земјава, Божиновска информираше дека минатата недела Собранието го усвои новиот Закон за енергетика, усогласен со законодавството на ЕУ со што се поставуваат темелите за модерен, чист и фер енергетски систем.

– Создавањето посебно Министерство за енергетика, како и новиот Закон, се доказ за сериозноста со која пристапуваме кон секторот. Законот значи повеќе обновливи извори, намалување на загубите, отворен пазар и поголема улога за граѓаните, и како производители и како потрошувачи на енергија, додаде министерката.

Божиновска оцени дека интеграцијата со европскиот пазар може да понуди заштита од финансиските ефекти на Механизмот на ЕУ за прилагодување на јаглеродните ограничувања (ЦВАМ), што би значело значајна економска корист за македонските компании.

– Поради неизвесностите околу влијанието на ЦBAM, императив беше поврзувањето на пазарите да се случи пред 2026 година. Иако веќе сме надвор од таа временска рамка, реално е да се стремиме кон поврзување помеѓу четвртиот квартал на 2026 и првиот квартал на 2027 година, рече Божиновска.

Таа повика на засилена соработка меѓу ЕУ и земјите кандидати за членство на забрзување на пазарното поврзување, бидејќи, како што рече, бенефитите од тоа се заеднички, почнувајќи од енергетската сигурност, па до поттикнување на економскиот раст.

– Само со засилена соработка можеме да изградиме стабилен, интегриран европски електро-енергетски систем кој ќе им користи на сите, потенцира Божиновска.

На ЕМИФ форумот учествуваше и делегација на МЕМО заедно со стотина претставници на енергетски берзи и регулаторите од ЕУ и од земјите кандидати за членство во Унијата, европратеници и претставници на Европската комисија.

На собирот беше посочено дека интеграцијата на пазарите на електрична енергија ќе придонесе за ослободување на енергетската зависност на Европа од трети страни, за што како позитивен пример беа посочени соработката меѓу земјава, Албанија, Косово и Србија, меѓу Црна Гора и Италија и меѓу Србија и Унгарија.

Дел од учесниците на ЕМИФ нагласија и дека поврзување на пазарите на електрична енергија ќе резултира и со намалување на цените на струјата, пред се во Источна Европа, каде што таа е значително повисока во споредба со онаа во земјите од Северна Европа, како и со избегнување на падови во системите и прекин на испораката на електрична енергија како неодамнешниот случај во Португалија и Шпанија.

Дискутантите оценија и дека електро-енергетското поврзување за земјите кандидати за членство со пазарот на ЕУ ќе претставува и политички сигнал до нив затоа што со него ќе се постигне чекор напред во нивното приближување кон Унијата и ќе му се даде и поттик на процесот на проширување. Затоа, според дискутантите, нема да има целосна интеграција на овие земји во ЕУ, се додека не заврши нивното поврзување со пазарот на електрична енергија на Унијата.

Организатори на Форумот беа Алпско-јадранско-дунавската берза за електрична енергија (АДЕКС), која е прва регионална берза за електрична енергија во Централна и Југоисточна Европа, потоа Асоцијацијата на европски енергетски берзи (Европекс), како и Европската народна партија (ЕПП).

ЕМИФ е замислен како единствена платформа за поттикнување на политичката перспектива за интеграција на регионалниот пазар на електрична енергија и за унапредување на дијалогот меѓу засегнатите страни и носителите на одлуки.

Инаку, пред да учеството на Форумот, министерката Божиновска имаше средба и со директорот на Генералниот директорат за проширување и источно соседство (ДГ ЕНЕСТ), Герт Јан Копман кого го информирала за она што досега го имаат направено Владата и новото Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини за овој кус период.

Според Божиновска, Копман бил пријатно изненаден од досега сработеното од наша страна, а посебно изразил задоволство од финализирањето на тендерот за интерконекторот со Грција, како и од објавениот тендер за поврзување со Албанија.

Копман го поздравил досегашниот напредок на земјава, за што како доказ го ја посочил исплатата на средства за предфинансирање во рамки на Планот за раст на Западниот Балкан, нагласувајќи при тоа дека е свесен за многуте обврски што ни претстојат во реализацијата на плановите од Реформската агенда. Копман на средбата најавил и дека ќе дојде во посета на земјава.