Католичките верници, протестантите и дел од православните христијани кои се водат по грегоријанскиот календар утре го одбележуваат Божик, додека преостанатиот дел од православниот свет кој празнува според јулијанскиот календар ќе го прослави Христовото раѓање по две недели.
Во христијанството сè уште има разлики за тоа кога треба да се слават Божик и другите верски празници, пред сè поради догматските несогласувања меѓу црквите и различните системи на мерење на времето. Така католиците, протестантите и дел од православните христијани кои го прифатиле грегоријанскиот календар, Божик го слават на 25 декември. Дел од православните цркви, меѓу кои и МПЦ – Охридска архиепископија, кои се водат според стариот јулијански календар, раѓањето Христово го одбележуваат на 7 јануари. Всушност, и едните и другите го слават празникот на 25 декември, но не во ист ден поради употребата на различните календари.
Иако се правени обиди за усогласување на празнувањата меѓу „старокалендарците“ и „новокалендарците“, разликите остануваат и покрај укажувањата на математичарите дека ако продолжат да се применуваат и двата календара, дел од православните христијани во 2101 година Божик, наместо на 7, ќе го слават на 8 јануари. Тоа е затоа што стариот јулијански календар доцни зад соларниот еден ден на секои 128 години, што кај грегоријанскиот календар се случува по 3300 години.
Во времето на Отоманската Империја, цариградскиот патријарх Еремија Втори Транос го одбил предлогот на папата Григориј Тринаесетти за прифаќање на грегоријанскиот календар и за усогласување на верските празници. Примената на грегоријанскиот календар во православните христијански цркви почна во првите децении на 20 век, на инсистирање на вселенскиот патријарх Јоаким Трети.
Во 1919 година новиот календар е прифатен во Кралството на Србите, Хрватите и Словенците (СХС), во 1923 во Грција, а потоа и во Бугарија, Романија и Турција…
Меѓутоа, монасите на Света Гора, Ерусалимската и Московската патријаршија, Српската православна црква и Македонската православна црква – Охридска архиепископија и натаму се водат според јулијанскиот календар, за разлика од Црквата на Грција, Бугарската патријаршија, Патријаршијата на Романија, Православната црква на Украина, Апостолската автокефална православна црква на Грузија, Автокефалната православна црква на Албанија и неколку помали православни цркви, кои го прифатија грегоријанскиот календар.
Најсериозен обид за усогласување меѓу јулијанскиот и грегоријанскиот календар направил српскиот физичар и астроном Милутин Миланковиќ. Календарот што тој го изработил по барање од вселенскиот патријарх Милентиј Четврти се смета за најточен и за разлика од јулијанскиот и грегоријанскиот, доцни еден ден на секои 28.800 години.