Владеење на правото и сузбивање на корупцијата коишто како поглавја се отвораат на почетокот на преговорите и се затвораат на крај, се тесно поврзани со работата на Царината и во таа насока се направени суштински чекори за сузбивање на организираниот криминал. Дигитализација на Царината е во напредна фаза, а во моментов преку проект со корејска Царина се работи на имплементација на податочен склад и софтвер за анализа на ризик што сериозно ќе помогне во зголемување на приходите преку борба со организираниот криминал и корупцијата.
Ова го истакна директорот на Царинска управа, Стефан Богоев, пред медиумите на настан во Штип, во рамки на којшто одржа предавање пред студенти од Економскиот факултет при Универзитетот Гоце Делчев.
„Очекувам следната година на пролет да почне и имплементација на системот на паметни камери заедно со софтвер за препознавање на регистарски таблички, како и поставувањето на боди камери што ќе помогне во борбата со корупцијата и организираниот криминал. Воедно со помош на британската Служба за даноци и царини ќе добиеме донација на дронови. Станува збор за сериозна технологија. Истите можат да патуваат до осум километри од почетната локација, имаат висока резолуција на камери, можат да емитуваат звук и да примаат звук и да бидат невидливи за потенцијалните шверцери кои ќе бидат предмет на истрага“, рече Богоев.
Во делот на дигитализацијата Богоев истакна дека Царинската управа е во напредна фаза.
„Го унапредуваме и транзитниот систем којшто е комплетно усогласен со системите на ЕУ, што значи транзитна постапка може да се отвори во нашата држава, а да се затвори во најсеверните и најдалечните делови на ЕУ бидејќи го имаме истиот систем, што на пример во Албанија што е исто така кандидат, не е случај“, потенцира тој.