Блупринт група: Загрижува одлуката на УО на Академијата за судии и јавни обвинители да го изврши изборот на директор по пат на тајно гласање
Блупринт групата за реформи во правосудството изразува загриженост за одлуката на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители да го изврши изборот на директор на Академијата по пат на тајно гласање со можност за избор на повеќе кандидати, без притоа да даде соодветно објаснување зошто е неопходно гласањето да биде тајно.
Блупринт групата за реформи во правосудството изразува загриженост за одлуката на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители да го изврши изборот на директор на Академијата по пат на тајно гласање со можност за избор на повеќе кандидати, без притоа да даде соодветно објаснување зошто е неопходно гласањето да биде тајно.
– Законот и Статутот на Академијата за судии и јавни обвинители содржат одредби кои го регулираат одржувањето на јавна седница и јавното гласање при носење на одлуките на Управниот одбор. Член 12 од Законот предвидува дека „работите од својот делокруг Управниот одбор ги врши на јавна седница“ додека член 9 од Статутот на Академијата јасно истакнува дека „Одлуките на седниците на Управниот одбор, Програмскиот совет, Комисијата за приемен испит, Комисијата за завршен испит и Комисијата за ревизија се донесуваат по пат на јавно гласање.“ Односно членовите на телата можат за гласаат ЗА или ПРОТИВ определен предлог по пат на јавно гласање, се вели во реакцијата на Блупринт групата.
Тајното гласање, посочуваат од Блупринт групата, за избор на директор на институција која што е единствениот пат за некој да може да биде избран за судија или обвинител само го доведува во прашање кредибилитетот на изборот и остава простор за сомнеж кај јавноста за можни надворешни влијанија.
-Неспорно е дека кандидатот кој што е избран е можеби најсоодветниот за оваа позиција, но без овозможување на јавно гласање и соодветна дискусија и образложение на одлуката за избор на кандидатката доведен е во прашање легитимитетот на изборот кој што не е спроведен во транспарентна постапка што дополнително може да влијае на и онака ниската доверба во судството, се вели во реакцијата на Блупринт групата.
Организации од Блупринт групата за реформи во правосудството се Институт за човекови права (ИЧП), Центар за правни истражувања и анализи (ЦПИА), Македонско здружение на млади правници (МЗМП), Институт за европска политика (ЕПИ), Коалиција „Сите за правично судење“ (КСПС) и Хелсиншки комитет за човекови права (ХКЧП).