Блокиран патот Косовска Митровица – Рашка

Нема знаци кои би укажувале на деескалација на тензиите на северот од Косово. Напротив, последните случувања долеваат масло на оган. Според пишувањата на дел од српските медиуми, возачи на камиони од Јариње и локални жители го блокираа патот Косовска Митровица – Рашка.

Возилата на преминот Јариње стојат веќе неколку дена, а блокадата според пишувањата е одговор на одлуката на Приштина да го блокира влезот на стоки од Србија во Косово.

Во местото Рударе кај Куршумлија, возачи на камиони и локални жители го блокираа главниот пат што води од Прокупље до преминот Мердаре. Патот е блокиран за камиони со косовски таблички како одговор на мерката на косовската влада.

Командантот на КФОР, Ангело Микеле Ристуча вчера нагласи дека КФОР останува посветен на исполнувањето на својот мандат според резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН и дека НАТО испратил дополнителни трупи за подобро да одговори на предизвиците.

Според него за проблемот нема воено решение и возможна е само политичка разврска. Брисел уште еднаш ги повика Вучиќ и Курти да бидат „поразумни“ и да разговараат за да се сопрат тензиите и да се спречи непосакувана ескалација на состојбата.