Активистите на движењето „Последна генерација“ во Германија ги блокираа аеродромите во Дизелдорф и Хамбург залепени на пистите.
Авиосообраќајот на аеродромите е блокиран од раните утрински часови на овие два аеродроми поради протестите на климатските активисти, соопшти германската полиција. Од полицијата изјавија дека се обидуваат да ги преселат активистите од пистите.
Поради протестите откажани и одложени се голем број летови, додека во Дизелдорф делумно е обновен сообраќајот.
Активистите рекоа дека ги блокираат аеродромите бидејќи „веќе не можат да гледаат како нивната земја гори додека федералната влада долева масло на огнот со своите безумни потези за фосилните горива“.