Блокада на „Евзони“ од 17 до 23 часот

Во овој период ќе биде оневозможен влезот и излезот од Грција за сите категории возила, вклучувајќи камиони, патнички автомобили и автобуси.

Граничниот премин „Евзони“ кон соседна Грција денеска ќе биде затворен шест часа поради протестите на грчките земјоделци, кои најавија нова блокада од 17 до 23 часот по македонско време.

Во овој период ќе биде оневозможен влезот и излезот од Грција за сите категории возила, вклучувајќи камиони, патнички автомобили и автобуси.

Истата мерка беше применета и вчера, а земјоделците сигнализираат дека во наредните денови одлуките за блокадите ќе бидат донесени во последен момент, особено во контекст на најавената средба со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, која е планирана за вторник.

Дополнителни ограничувања постојат и на граничниот премин Ники (Меџитлија), каде е воведена забрана за сообраќај на товарни возила до утре до 10 часот.

Протестите во Грција влегоа во нова фаза откако земјоделците стартуваа 48-часовната акција со блокади на различни локации низ земјата.

Протестите започнаа на 30 ноември и траат повеќе од 40 дена, со речиси секојдневни блокади на клучни патишта и сообраќајни точки.