Блинкен: Украина постигна значителен напредок во контраофанзивата

Американскиот државен секретар Антони Блинкен изјави дека украинската контраофанзива против руската војска се уште е во рана фаза, но дека украинските сили постигнале „значаен напредок“.

Блинкен, кој е во Мексико на економски разговори, беше прашан за неговата проценка за ситуацијата во Украина.

Украинските сили зазедоа десетици позиции во изминатите неколку дена, откако Москва во саботата го напушти главното упориште во североисточна Украина, што е нејзиниот најголем пораз од првите денови на нејзината агресија врз Украина.

„Она што тие го направија е многу методично планирано и се разбира има значителна поддршка од Соединетите Американски Држави и многу други земји во однос на тоа да се осигура дека Украина го има во свои раце она што и треба за да ја спроведе таа контраофанзива“, рече Блинкен за време на прес-конференцијата во Сиудад де Мексико.

Блинкен рече дека конфликтот во Украина најверојатно ќе продолжи некое време, бидејќи Русија сè уште има многу значајни сили и оружје во Украина што сè уште ги користи „неселективно“ против цивилите и цивилната инфраструктура.

„Русија ја изврши оваа агресија. Мислам дека, со оглед на цената што ја плаќа, може и треба да се запре“, рече тој.