Блинкен: Реакцијата на Кина за посетата на Пелоси во Тајван е непропорционална и опасна

Американскиот државен секретар Антони Блинкен во ексклузивно интервју за Гласот на Америка во хотелот Соха во Пном Пен, Камбоџа, откако присуствуваше на министерскиот состанок на Групата најразвиени азиски држави – АСЕАН и се сретна со овогодинешниот ротирачки претседавач на АСЕАН, премиерот Хун Сен од Камбоџа ја коментираше најновата напнатост меѓу Кина и Тајван.

Запрашан за посетата на спикерката на Претставничкиот дом на САД Ненси Пелоси на Тајван, по што беше најавувана и следеше остра реакција и одговор од Кина, секретарот Блинкен изјави дека Пелоси е од законодавна гранка на власта, која е независна гранка. „И, таа го има, го имаше тоа право да ја оствари таа посета бидејќи многу членови на нашиот Конгрес го посетија Тајван, вклучително и оваа година“, потсети државниот секретар.

Според него, без оглед на тоа, реакцијата на Кина е толку непропорционална и опасна, со оглед на лансирање 11 балистички ракети, вклучително и над Тајван, испраќање на своите кинески воени бродови околу целиот Тајван.

„Пет од проектилите што ги лансираше Кина паднаа во близина на Јапонија“, рече Блинкен и додаде дека од „земјите од целиот регион, вклучително и АСЕАН, кои објавија заедничка изјава, владее вистинска загриженост за тоа колку овие дејства можат да бидат дестабилизирачки и опасни“.

„Мислам дека е многу важно да се однесуваме одговорно“, рече првиот американски дипломат и потенцираше дека САД нема да се вклучат во какви било провокативни акции.

„Потребно е смирување на страстите“, рече Блинкен и додаде дека „тајванскиот теснец е од витално значење за речиси секоја земја во регионот“. „Толку многу трговија поминува таму, што доколку тоа се прекине, тоа би имало страшно влијание врз глобалната економија и врз заложбата на сите да закрепнат од ударот со пандемијата со Ковид-19“, рече Блинкен.

„Мислам дека е обврска на сите земји, САД, но и Кина, да се однесуваат одговорно и да не ја користат посетата на член на нашиот Конгрес како изговор за вклучување во потенцијално опасни и дестабилизирачки акции“, порача државниот секретар Антони Блинкен во интервју за Гласот на Америка за време на посетата на Камбоџа.