Блинкен: Израел мора да ја зголеми хуманитарната помош во Газа
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен рече дека Израел мора да стори повеќе за да го зголеми протокот на хуманитарна помош во опколениот Појас Газа.
Во Ријад, за време на неговата седма посета на Блискиот Исток од почетокот на војната во Газа, тој рече дека во тој поглед ќе изврши притисок врз израелските власти.
Најдобар начин за ублажување на хуманитарната криза, додаде тој, би бил да се склучи договор за прекин на огнот. Хамас, рече Блинкен, добил „исклучително дарежлива“ понуда од Израел и се надева дека ќе ја прифати.
„Хамас има пред себе предлог од Израел кој е крајно, крајно дарежлив и во моментов единственото нешто што стои меѓу луѓето во Газа и прекин на огнот е Хамас“, рече тој на Светскиот економски форум во Саудиска Арабија.
Тој рече дека сега останува на Хамас да одлучи и дека тоа треба да го сторат што е можно поскоро. Хамас досега отфрли неколку предлози во преговорите со посредство на САД, Катар и Египет, на кои Израел се согласи.
Претходно денеска Блинкен пред Советот на министрите за надворешни работи на земјите од Персискиот залив изјави дека нема потреба да се чека прекин на огнот за да се подобрат условите во Газа. „Има мерлив напредок во изминатите неколку недели, вклучително и отворање на нови премини и зголемен обем на испорака на помош во Газа, како и изградба на американскиот поморски коридор, кој ќе биде отворен во следните недели“, рече тој.