Блинкен денеска на Блискиот Исток за да поттикне примирје меѓу Израел и Хамас

Шефот на американската дипломатија Ентони Блинкен денеска пристигнува на Блискиот Исток за да поттикне примирје меѓу Израел и палестинското движење Хамас во Појасот Газа, каде што продолжија судирите и бомбардирањата.

Со оглед на тоа што војната влезе во петтиот месец во средата, израелската војска синоќа објави дека го бомбардирала Кан Јунис, на југот на палестинската територија каде што се вели дека се кријат лидерите на палестинското исламистичко движење.

На дипломатски план, преговорите продолжуваат за постигнување второ примирје, по еднонеделниот прекин на огнот на крајот на ноември. Неколку десетици заложници држени во Газа потоа беа разменети за Палестинци кои ги држеше Израел.

Според Израел, на 7 октомври биле киднапирани околу 250 луѓе, а во Газа се уште се држат 132 заложници. Меѓу нив 27 се сметаат за мртви.

Блинкен, чија земја е главен сојузник на Израел, денеска се очекува во Саудиска Арабија, прва станица на неговото петто патување во регионот од почетокот на војната.

Шефот на американската дипломатија ќе ги посети и Катар, Египет, Израел и окупираниот Западен Брег.

Според Хамас, 27.365 Палестинци, од кои огромно мнозинство се жени и деца, се убиени во Појасот Газа од израелските бомбардирања и воени операции.