Портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс истакна дека државниот секретар на САД, Ентони Блинкен нема да се двоуми директно да разговара со српскиот претседател Александар Вучиќ и со косовскиот премиер Албин Курти, објавија денеска косовски медиуми.
Прајс истакна дека САД во партнерство со ЕУ ги охрабруваат Косово и Србија да најдат решение преку дијалог.
„Ние сме длабоко ангажирани како набљудувачи во дијалогот меѓу Косово и Србија со посредство на ЕУ. Разбираме дека разговорите се во тек. Ова го правиме во партнерство со Европската унија и ги охрабруваме двете страни ефективно да го користат дијалогот“ – изјави Прајс.
Тој рече дека тоа е дијалог што го поддржуваат САД.
„Сметаме дека е обврска на двете страни максимално да ја искористат оваа можност да ги унапредат нивните дискусии за нормализација на односите со фокус на взаемното признавање“, рече Прајс.