Блаже Миневски – најсериозен кандидат за нов претседател на ДПМ

Блаже Миневски е најсериозен кандидат за иден претседател на Друштвото на писатели на Македонија, дознава Трилинг.

Според доброупатени избори, зад неговата кандидатура подолг период се воделе консултации меѓу членови на ДПМ.

Блаже Миневски е македонски раскажувач, романсиер и драматург. Дипломирал на интердисциплинарните студии по новинарство на Правниот факултет – Скопје.

Како новинар работел во повеќе весници и списанија.

Миневски е добитник на високи новинарски признанија: наградата „Крсте Мисирков“ на Здружението на новинарите на Македонија (двапати) и двапати прва награда за репортажа на „Нова Македонија“. Исто така, тој е добитник на книжевните награди: „Рациново признание“, „Стале Попов“, „Роман на годината“ и повеќе награди за расказ.

Миневски е застапен во сите понови антологии на македонскиот расказ, а неговите дела се преведени на англиски, француски, српски, бугарски, шпански, турски и албански јазик.

Извори за порталот Трилинг велат дека писателот Иван Антоновски ужива поголема поддршка меѓу членовите за разлика од противкандидатот за претседателот на Собранието на ДПМ, Стефан Марковски.

Антоновски, кој е кандидат за претседател на Собранието на ДПМ е поет, есеист, книжевен критичар, книжевен преведувач и публицист. Застапен е во повеќе домашни и меѓународни поетски антологии и зборници, а делови од неговото поетско творештво се препеани и публикувани и на неколку странски јазици.

Инаку, актуелниот претседател на Друштвото на писателите на Македонија, Христо Петрески на 9 октомври преку објава на Facebook профилот на ДПМ соопшти дека поднесува неотповиклива оставка од функцијата.

Ден претходно, Друштвото излезе со соопштение дека писателите Зоран Анчевски, Весна Мојсова-Чепишевска, Лилјана Пандева, Влатко Мартиновски, Славчо Ковиловски, Марина Мијаковска и Александра Јуруковска поднесоа оставки како членови на Претседателството на ДПМ.

Писателот Живко Грозданоски, кој исто така е кандидат за нов претседател на ДПМ реагираше на оставката на Петрески. Тој тогаш забележа дека „оние осум членови на Претседателството што си дадоа оставка најчесто воопшто не биле консултирани за работата на врвот на раководството на ДПМ – и тоа се чини дека е една од причини зошто си дадоа оставка“.

„Велите сите досегашни одлуки на ДПМ се ‘верификувани’: но ајде приложете записници од состаноците на Претседателството. Колку што ми е познато, нема – воопшто не се работело со записници. Пополнувањето на местата на оние што имаат дадено оставка можеби се случило некогаш да биде „според листата на добиените гласови на Изборното собрание“, но 1) постои ли некаков записник за тоа? 2) дури и да постои доказ, тоа не е важно: тоа не е според Статут, и не е во ред – и не било во ред. Самото ДПМ моментално ги дискредитира своите членови (ги дискредитира оние што ги внесува во Претседателството); самото ДПМ е заложник, а моменталната состојба во ДПМ е штетна за македонските (национални и сите други) интереси. Сета книжевна и културна јавност бара раководството на ДПМ да свика Изборно собрание. Тоа е единствениот легитимен чин што раководството на ДПМ може да го направи сега“ рече Грозданоски.

Тогаш реакција имаше и од професорот и писател Иван Антоновски:

„Во некои други времиња, во ДПМ имало и некаква идеолошка комисија. Ама ниту тогаш, ниту во времето потоа, не се случило барем формално да не се даде можност во македонската писателска асоцијација да се слушне гласот на македонскиот писател. А сега се случува! Со тоа се гази по достоинството на членството – македонски писатели. Ама се гази и по влогот на оние што го формирале ДПМ со првиот претседател Блаже Конески и по влогот на сите оние кои во ДПМ пред нас вложиле дел од себеси. Затоа што ДПМ е формирано и постои за да се слушне гласот на македонскиот писател, а не за да се пригушува! ДПМ е на македонските писатели и не е фирма во приватна сопственост за некој да може со месеци да ни ја затвора вратата на ДПМ и да нè деградира. Однесувајќи се кон нас и како да не постоиме!“.