Руски официјални лица и воени блогери известија дека во текот на ноќта се воделе тешки борби во клучниот регион Запорожје, во јужна Украина, пренесе Би-Би-Си.
Тие велат дека украинските војници се обидуваат да напредуваат јужно од градот Орехово, каде заменик-министерката за одбрана на Украина Хана Малиар вчера изјави дека непријателот е на „активна одбрана“.
Неколку воени експерти рекоа дека украинската војска најверојатно ќе се фокусира на Запорожје во обид да го врати пристапот до Азовското Море и да ги подели окупаторските руски сили во регионот.
Тоа ќе ги ослаби нивните борбени способности и ќе го елиминира копнениот мост кон Крим, јужниот украински полуостров илегално анектиран од Русија во 2014 година.
Украинската армија соопшти дека во текот на ноќта соборила десет руски беспилотни летала и четири крстаречки ракети.
Руските сили лансирале 16 беспилотни летала и шест крстаречки ракети во текот на ноќта за време на нападот, се наведува во соопштението.
Забележано е и дека два руски проектили погодиле цивилен објект во централна Украина, пишува Ројтерс.
Шефот на руската област Белгород, Вјачеслав Гладков, објави дека украинските сили во текот на ноќта ја гранатирале областа, а најмалку три лица се повредени.