Биљали: Пратеничката група на Европски фронт е во полн состав, Тачи ќе делува опозоциски и во консултација со Ахмети

Пратеничката група на Европскиот фронт ќе продолжи засега да дејствува опозициски и во полн состав, изјави денеска Арта Биљали на прес-конференција во седиштето на ДУИ во Скопје.

За тоа што ќе се случува во пратеничката група на Европскиот фронт, потенцира таа, одговорност сносат лидерите на политичките партии кои се дел од него и самите пратеници, а не тие што однадвор се обидуваат да наметнуваат одредени тези во јавноста.

За тврдењата на Изет Меџити, вицепремиер и министер за животна средина и лидер на Демократско движење дека и други пратеници ќе преминат кај нив, Биљали негира.

-Не. Засега не, рече таа.

За излегувањето на Мендаух Тачи од ДПА од Европскиот фронт, Биљали рече дека тој ќе делува опозициски и во консултација со лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Претседателот на Демократската партија на Албанците, Мендух Тачи синоќа соопшти дека тој и неговата партија веќе нема да бидат дел од Коалицијата „Европски фронт”.

– Сто дена се малку за да се анализира работата на една Влада. Причината зошто отсуствував на прес-конференцијата за стоте дена за владеењето на Владата организирана од „Европски фронт“ е поради тоа што јас и ДПА веќе нема да бидеме дел од Фронтот, рече Тачи во телевизиско гостување на Телевизија Клан Македонија.