Битиќи: Успешно менаџираме со неизвесноста, тоа е најголемиот предизвик во оваа криза

Вицепремиерот Фатмир Битиќи во интервју за „24Инфо“ вели дека Владата успешно менаџира во услови на кризата, спроведувајќи голем број мерки, а најави и наредни мерки.

На прашање за ефектите на владиниот план за помош на граѓаните за справување со кризата вреден 360 милиони евра, Битиќи вели дека „оваа криза е исто толку непредвидлива и бара навремено и постојано прилагодување на истата“.

„Ваква непредвидливост бара внимателно справување со ризици и тоа економски може да се справиме, бидејќи има економски механизми. Она што е потешко е справување со неизвесноста, која креира негативни психолошки реакции кои не може економски да се предвидат. Токму затоа сметам дека она што е круцијално во справувањето со оваа криза е токму справувањето и одговарањето, колку што е можно, со неизвесноста која граѓаните може да ја чувствуваат. Покажавме дека се грижиме, дека никој нема да биде изоставен и дека таргетирано се насочува помошта онаму каде што е потребна. Последните донесени антикризни мерки – дел кои се директна финансиска помош за најранливите категории на граѓани, дел се за помош на одржување на ликвидноста на компаниите како и механизми за справување со енергетската криза. Фискалните импликации на овој пакет мерки се над 360 милиони евра, од нив над 18 милиони евра се директна финансиска помош за околу 200.000 граѓани, кои се најизложени на онаа неизвесност за која погоре зборував“ вели Битиќи.

За незадоволство во ССМ од пакетот мерки Битиќи смета дека „овие мерки имаа директна финансиска поддршка за најранливите категории“.

„Мораме да ја гледаме големата слика, односно како овие 360 милиони влијаат на економијата и ефектот кој го имаат целокупно врз економијата а со тоа и сите граѓани, односно во овој случај, сите работници. Секако со потпомагањето и одржувањето на ликвидноста на компаниите индиректно се влијае на задржување на рбоотните места. Во мерките е опфатено и субвенционирањето на покачување на платите на работниците што секако е помош за работниците. Минатата година имаше историски највисоко покачување на минималната плата, но не само, туку и промена на целокупната методологија за пресметување на платите со што ним загарантирано ќе им следува усоглаување според повеќе параметри а меѓу нив е и покачувањето на стандардот, односно оваа Влада обезбеди долгорочна гаранција дека оние кои се приматели на најниски износи на плата константно, секоја година ќе имаат подобрување на животениот стандард, зависно од движењата во економијата, односно зависно од растот на севкупната економија како и од растот на трошоците за живот“ вели тој.

На прашање кога бизнисот може да очекува конкретна помош од државата, Битиќи е дециден:

„Со мерките за субвенционирање на производството на електрична енергија што на крај ќе резултира со релативно ниски цени за крајните корисници кои се на регулираниот пазар, ние веќе сме обезбедиле стабилност и предвидливост за компаниите кои во најголема мера спаѓаат во групата на микро, мали и средни компании и тука спаѓаат 70.000 компании.
Мерките кои се донесоа како дел од енергетскиот антикризен пакет за поддршка на бизнисот засега се однесуваат на кредитирање на компаниите кои со користење на овие исклучително поволни кредитни линии ќе имаат можност да го пребродат овој кризен период. На слободниот пазар за електрична енергија се околу 1.600 субјекти (приватни и јавни) и следната одлука ќе е за овие субјекти кои се на слободенот пазар за електрична енергија.
Размислуваме на воведување на фиксна цена на електрична енергија од –до со која што би се субвенционирале компаниите преку различни форми, дали е тоа ЕСМ и електричната енергија која ќе се произведе од ЕСМ и се работи на подолгорочно решение. Веќе сме во завршна фаза на преговори со Европската Комисија која на една од нејзините последни седници веќе одобри сума од околу 1 милијарда евра за помош на земјите од Западен Балкан. Во наредниот период низ операционализација на програмата за поддршка на Западен балкан се очекува во детали да бидат разработени условите под кои ќе се користат овие средства, како и колкав износ секоја земја од шесте земји членки на Западен Балкан ќе добие. Ова секако е дел од помошта која ЕУ ја дава на нашиот регион, односно земјите кои се приклучуваат кон заложбите на ЕУ за блокирање на воените операции на Русија во Украина“.