Битиќи: Социјалдемократските политики го заштитија стандардот во време на кризи и ќе продолжат да ја подобруваат благосостојбата на сите граѓани
„Денеска е јасно дека доколку за време на последниве три кризни години, пост-ковид, енергетска и економска криза, Владата не ги спроведеше мерките кои ги спроведовме за заштита на стандардот на најранливите групи, а потоа и зачувување на работните места, денеска ќе имавме полоша слика”, изјави заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи.
Вицепремиерот Битиќи денеска учествуваше на панел дискусијата со наслов „Достоинствен живот или преживување?” во организација на Македонската платформа против сиромаштија (ПППС) во рамки на одбележувањето на интернационалниот ден за искоренување на сиромаштијата, 17 октомври, чија годинашна порака е „Пристојна работа и социјална заштита: достоинството во пракса, за сите!”.
Во неговата изјава за медиумите, вицепремиерот Битиќи рече дека оваа важна дискусија, доаѓа на време, посебно пост-ковид кој го следеше енергетска и економска криза, и секако војната на нашиот континент.
„Сето ова влијае на продлабочување на јазот на ранливите групи. Со овој проблем се соочуваме ние но и земјите во светот. Денеска е јасно дека доколку за време на последниве три години Владата не ги спроведеше мерките кои ги спроведовме за заштита на стандардот на најранливите групи, а потоа и зачувување на работните места, денеска ќе имавме полоша слика. Социјалдемократските политики ги заштитија и ќе продолжат да го заштитуваат стандардот и да ја подобруваат благосостојбата на сите граѓани”, изјави Битиќи.
Вицепремиерот Битиќи додаде дека ваквите студии се добри за креирање на политики базирани на докази и тоа и ќе продолжиме да го правиме.
„Постојано велам дека системските решенија се нужни за стабилност и предвидлив развој, но и едновремено ги заштитуваат најранливите, оние чии права први и најлесно се повредени во време на криза или политички премрежја. Ние донесовме такви системски решенија, тоа е носењето на минималната плата и методологијата за пресметка на пензиите.
Оваа категорија на граѓани, како никогаш од независноста сега е заштитена токму од ваквите појави. Оваа Влада покажала дека се грижи, подеднакво за сите, така и ќе продолжиме”, рече Битиќи.