Фатмир Битиќи, поранешен вицепремиер за економски прашања и актуелен пратеник, во неделното интервју за Радио Слободна Европа рече дека има намери поврзани со можна кандидатура за лидер на СДСМ.
„Во овој момент моите проценки, иако секојдневно размислував да се кандидирам за претседател на СДСМ, укажуваат дека првенствено на партијата и членовите не им треба дополнителна фрагментација и групирање. Доволно имаме кандидати за избор и сметав дека додадена вредност во овој момент можеби нема да ја видат. Не сакав исто така да бидам и од стандардната мантра на размислување во нашето општество дека влегуваш во некаква изборна трка за да се договориш за нешто. Не! Ако Фатмир Битиќи со сите негови различности и некогаш со различно мислење, му е потребен на СДСМ затоа што верува во вредностите тој ќе биде и дел од следното раководство, дел од следните органи на партијата. Ако новиот претседател смета дека таков профил не е потребен, моите социјалдемократски вредности никој нема да може да ми ги одземе“, вели Битиќи.
Тој вели дека секојдневно размислува за можното водење на социјалдемократите, но истакна дека смета дека на партијата моментално не и се потребни дополнителни поделби и групирања.
Иако е свесен дека кампањата за нов претседател на партијата не се одвива во идеални услови, тој пред сè сака да допринесе кон зачувување на единството во партијата и избегнување на потенцијални фракционирања кои би можеле дополнително да ја ослабат.