Битиќи: Работниците и пензионери не се виновни за поскапувањата

Во време кога цените на основните производи и трошоците за живот незапирливо растат, премиерот Христијан Мицкоски ја пласира тезата дека инфлацијата е последица на зголемените плати и пензии. Тоа не е вистина. Тоа е маневар со кој вината за економската состојба се префрла врз работниците и пензионерите, а не врз вистинските причини, истакна на прес-конференција пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи.

Пратеникот од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Фатмир Битиќи денеска ги критикуваше изјавите на премиерот Христијан Мицкоски дека инфлацијата е последица на зголемените плати и пензии.

Според Битиќи, ова е маневар со кој Владата ја префрла вината за лошата економска состојба врз граѓаните, наместо врз вистинските причини.

Како што изјави Битиќи, економските податоци јасно покажуваат дека трошоците за живот растат двојно побрзо од платите. Тој посочи дека синдикалната потрошувачка кошница пораснала од 61 855 денари во март на 65 328 денари во јули, што е зголемување од 3 473 денари. За истиот период, како што рече тој, просечната нето-плата се зголемила за само 1 033 денари.

„Минималната плата од март е 24 379 денари, утврдена еднострано, без синдикати и без социјален дијалог. Зголемувањето од 1 800 денари беше донесено како политичка одлука, а не како дел од сеопфатна стратегија за подобрување на животниот стандард. Денес, за да се покрие синдикалната кошница од јули, потребни се речиси 2,7 минимални плати. Двајца вработени со минимална плата во едно семејство и пак ќе немаат доволно за месечните трошоци“, рече Битиќи на денешната прес-конференција.

Битиќи ги отфрли тврдењата дека растот на платите и пензиите ја поттикнува инфлацијата. Тој посочи дека просечната пензија речиси стагнира, откако еднократното зголемување од 2 500 денари во март не продолжи како тренд.

Според него, вистинската состојба е уште поалармантна кога ќе се погледнат другите индикатори. Индексот на трошоци на живот во јули пораснал за 4,8 отсто на годишно ниво, а кај основните земјоделски производи поскапувањата се уште поизразени.

Како пример, Битиќи ги наведе цените на компирот за кој рече дека е поскап за 56,7 отсто, житата и оризот за 25,5, зеленчукот за 23,9, а овошјето и грозјето за 15,4 проценти.

Пратеникот ја обвини Владата за недостиг на системски решенија. Според него, наместо да го користи Законот за нефер трговски практики, кој може да ги намали цените до 30 отсто, Владата води политички маркетинг.

Битиќи нагласи дека високата инфлација е резултат на нестабилни пазари, високи влезни трошоци и шпекулативно формирање на цените. Тој укажа и на зависноста од увоз на електрична енергија, чиј увоз во мај се зголемил за 25,9 отсто, што дополнително влијае на цените.

Битиќи изјави дека обидот да се префрли вината врз работниците и пензионерите е „економски и морално погрешен, и политички срамен“.

„Цените во Македонија не растат затоа што граѓаните заработуваат повеќе. Растат затоа што нема стратегија за економска стабилност, затоа што се толерираат монополски структури и шпекулативни маржи, затоа што зависиме од увоз за основни добра“, рече Битиќи.