Битиќи: Има ли Владата план, дефицитот е скроен на 4 проценти

Ребалансот e признание дека Владата ја загубила финансиската контрола, рече пратеникот на СДСМ на расправата за ребалансот на Буџетот

Ставајќи розеви очила пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, на денешната комисиска расправа за ребалансот на Буџетот праша дали Владата има план што да прави со јавните финансии и рече дека овој документ е „јасно огледало на продлабочената фискална неодговорност во јавните финансии“.

Наместо реално прилагодување и развојна ориентација, добиваме документ кој прикрива неизвршени ветувања и скицира нереална економска слика, рече Битиќи.

Тој истакна дека иако дефицитот останува на 4% од БДП, тоа е над законскиот максимум од 3%, а отстапување е дозволено само во вонредни ситуации кои во нашата земја не постојат.

„Владата веќе не контролира фискална рамнотежа и го користи ребалансот како политички инструмент. Дефицитот речиси се удвои за месец и половина, од 13,4 на 27,5 милијарди денари. Таков раст не се случува во економија со здрава фискална дисциплина и е знак за неефикасно управување и неконтролирана јавна потрошувачка. Ако приходите растат по 40%, а расходите достигнаа 44%, дали оваа Влада има план? Или троши сè како да нема утре?“, рече Битиќи.

Наместо реална прераспределба, ребалансот е само козметика – розово на хартија, а црвено во реалноста. Ова не е буџет со план, туку импровизација за политички цели.

„Новото задолжување од 500 милиони евра и скриените долгови од над 700 милиони евра создаваат дополнителен фискален товар што ја загрозува економската стабилност и ќе мора да се решава во иднина“.

Разочарувачки е и нискиот степен на реализација на капиталните инвестиции – само 23%, далеку од ветениот „рекорден инвестициски циклус“. Реториката со алтернативни пресметки не го заменува вистинското отчетување.

Буџетот се користи како предизборно оружје: зголемувањето на пензиите и платите во јавниот сектор, растот на трошоците за договорни услуги и тројното зголемување на буџетските резерви укажуваат на непотизам, партиски вработувања и нетранспарентна потрошувачка, потенцираше Битиќи.

Во услови кога јавните финансии се загрозени, ова не е одговорно управување со државните пари, туку краткорочна партиска кампања со ризик за економската иднина на граѓаните.

„Во структурата на расходите се открива политичката агенда на Владата, која сè поотворено го користи буџетот за предизборна мобилизација. Зголемувањето на пензиите за околу 40 милиони евра укажува на ново предизборно зголемување кое не е резултат на одржлива реформа. Зголемувањето на платите за 14 милиони евра во јавната админстрација отвора простор за партиски вработувања, што ја поткопува институционалната професионалност и генерира долгорочни трошоци без развоен ефект. Особено вознемирувачки е скокот на расходите за договорни услуги за 30 милиони евра без зголемена отчетност, што отвора сомнежи за нетранспарентна и потенцијално коруптивна потрошувачка“, рече Битиќи.

Министерството за финансии молчи за апликациите и исплатите по Законот за финансиска поддршка на инвестициите, додека средствата за оваа намена се скратени за 900 милиони денари – од 2,375 на 1,475 милијарди денари. Овој драстичен пад е јасна порака до бизнис секторот дека поддршката или е суспендиран, или станува алатка за селективна распределба, нагласи Фатмир Битиќи.

Тој потенцираше дека средствата за Технолошко-индустриските развојни зони се намалени за над 30 отсто, а поддршката за малите и средните претпријатија, кои се двигатели на домашната економија и вработеноста, речиси е преполовена – од 18,5 на 11,5 милиони денари. Ова е контрадикторно на секоја стратегија за одржлив и инклузивен економски раст.

„Дополнително, гледаме несразмерност помеѓу владините најави и реалноста кога станува збор за надворешното финансирање преку меѓународни институции. Стратешкиот договор со Обединетото Кралство беше триумфално најавен како голем финансиски ориентир, но во ребалансот средствата за задолжување од меѓународни развојни агенции се намалуваат – од 6,196 на 5,693 милијарди денари. Ова е економска и политичка неконзистентност – или договорот е декларативен меморандум без финансиска тежина, или Владата нема проекти и капацитет за апсорпција на средствата“, рече Битиќи.

Македонија ја пропушта и историската можност преку Планот за раст на ЕУ, бидејќи нема функционална финансиска структура и јасни приоритети за интеграција, реформи и дигитална трансформација. Реформската поддршка од 43 милиони евра остана неискористена, што е фискално промашување.

На приходната страна, буџетот се потпира на неданочни приходи, особено преку прелевање на вишок средства од Народната банка, што ја компромитира нејзината независност.