Битиќи: За 30% поголема поддршка за компаниите идната година
„Следната година, механизмите како што се Гарантниот фонд, Зелениот инвестициски фонд, поддршка на извозните компании итн. ќе треба да акумулира портфолио од околу 150 милиони евра кредитирање на компаниите под поволни услови. Вкупно би кажал за 2022 година, надвор од енергетската криза во која што имаме обезбедено средства, поддршката на компании ќе биде за 30 отсто поголема од оваа година“.
Ова денеска на прес-конференција го кажа вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економски ресурси и инвестиции – Фатмир Битиќи.
Тој околу помошта за компаниите за следната година наведе дека и во 2022 година продолжуваат со истото портфолио како и досега
„Не треба да го занемариме сегментот којшто е во другите програми на министерствата коишто се редовнит програми за поддршка на стопанството, дали е тоа поддршка на претприемништвото, дали се тоа други мерки во Министерство за економија или, на пример, се веќе неколку инструменти коишто ги воспоставивме, а се дел од Развојната банка на Северна Македонија, а токму во периодот на КОВИД механизмите за поддршка на стопанството беа креирани во изминатиот период“ – посочи Битиќи.
Во однос на енергетската криза наведе дека постојано ги следат состојбите и се во секојдневна комуникација со стопанските комори.
„Ние како Влада ги преземаме сите мерки, а тоа е да обезбедиме доволно електрична енергија за домаќинствата и за малите потрошувачи. Да не заборавиме малите потрошувачи се потрошувачите коишто доаѓаат од стопанството. Нашата економија е структуирана на тој начин што 97,8 отсто се микро и мали претпријатија. За нив веќе е обезбедено сигурно електрична енергија во наредните шест месеци од 2022 година и затоа јавноста треба да биде добро информирана. Тоа значи дека државата осигурува цена за малите потрошувачи со повластена тарифа надвор од берзанските цени. За сите други веќе ние правиме разговори, ќе видиме дали има начин како заемно да се поддржува“ рече Битиќи.
Во врска со помошта што ја побараа компаниите поради ненадејното откажување на договорите од страна на добавувачите на електрична енергија, вицепремиерот нагласи дека државата не може да се меша затоа што договорите се направени според либерализираниот пазар во енергетика во којшто секој влегува во облигациски меѓусебни обврски.