Битиќи: Економските политики на Владата носат постојан раст на платите
Економските политики на Владата носат постојан раст на платите. Некои Велат дека после шест години на власт не треба да се споредуваш со претходниците, колку и да биле лоши. Денес ќе ги послушам и ќе направам поинаква споредба.
Според податоците на Државниот завод за статистика, просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во октомври 2023 година, изнесува 38.843 денари, односно истата во однос на октомври 2022 година, кога изнесуваше 33.104 денари, се има зголемено за 17,3% или за 5.739 денари за една година – објави на својата ФБ страница вицепремиерот задолжен за економски прашања и инвестиции, Фатмир Битиќи.
Тој пишува дека на почетокот од мандатот во 2017 година, во октомври просечната плата изнесувала 23.356 денари, за една година истата се зголемила за 6,3%, односно во октомври 2018 изнесувала 24.817.
-Во оваа година растот на платата е од 17,3%. Нашата посветеност за економски просперитет и подобар животен стандард на граѓаните дава реален резултат, за период од шест години успеавме просечната плата да ја зголемиме за 15.487 денари. Дополнително, што ова значи за реалната куповна моќ на граѓаните и нивната благосостојба, ако земеме дека за истиот месец годинава, инфлацијата се намали на 3,5%, тоа значи дека реалните плати се повисоки од растот на трошоците за 13,8%. Во октомври имаме раст на платите кое е за околу 5 пати поголем од растот на инфлацијата, што е мерлив доказ за тоа дека економските политики на Владата за повисоки и достоинствени плати и низата на мерки за намалување на инфлацијата даваат мерлив резултат – стои во статусот на Битиќи.
На крај, тој прави споредба бидејќи вели дека сепак, има разлика.
– Во октомври 2016 година просечната плата изнесуваше само 22.460 денари, а една година претходно, во октомври 2015 година изнесуваше 22.213 денари, односно за една година за време на Владата на ВМРО-ДМПНЕ се зголемила само за 247 денари. Додека пак оваа Влада, предводена од СДСМ, за период од една година, и тоа во услови на економска и енергетска криза ја зголеми просечната плата за 5.739 денари – вели Битиќи.
Тој посочува дека на почетокот од мандатот на Владата предводена од СДСМ во 2017 година, во октомври просечната плата изнесувала 23.356 денари, а за една година истата е зголемена за 6,3%, односно во октомври 2018 година таа е со висина од 24.817денари.