Битиќи: Дел од компаниите се однесуваат неморално и манипулираат со цените!
Фатмир Битиќи – вицепремиерот за економски прашања вели дека дел од поскапувањата изминативе неколку дена по укинувањето на антикризните мерки се нереални, затоа што одредени компании манипулираат со цените. Тој бара од инспекциските служби да реагираат соодветно и очекува наскоро да му биде доставен извештај со мерки за компаниите кои манипулираат со цените.
„Со особено внимание следиме што се случува овие три дена на слободниот пазар и однесувањето некоректно, неетичко и неморално на одредени компании, особено кон зголемувањето на цените, набрзо ќе наиде на одговор од институциите. Не можеме да прифатиме цената да порасне за 24 часа за 20 отсто, кога производствената цена не може да порасне за 20 отсто за 24 часа. Сметам дека тоа е само една одредена манипулација која ја прават кон нашите граѓани и затоа секако соодветно треба да реагираат инспекциските служби и наскоро очекувам извештај од инспекциските служби со мерки за тие што го имаат тоа направено“ – рече Битиќи при денешната посета на Саемот за вработување и кариера во Гостивар.
Тој повтори дека во ребалансот на Буџетот се предвидени 73 милиони евра за антикризни мерки и веднаш по усвојувањето на ребалансот тие ќе бидат донесени.